Герасимовски: 42. Маџирмаалски средби - традиција што го чува духот на Маџир Маало
- Општина Центар и годинава е покровител на Маџирмаалските средби, манифестација што повеќе од четири децении го негува маалскиот дух, спортот и културната традиција на едно од најстарите скопски маала, се наведува во соопштението од Општината.
Скопје, 22 февруари 2026 (МИА) - Општина Центар и годинава е покровител на Маџирмаалските средби, манифестација што повеќе од четири децении го негува маалскиот дух, спортот и културната традиција на едно од најстарите скопски маала, се наведува во соопштението од Општината.
На средбите, се наведува во соопштението, се приклучил и градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, „кој помина прекрасен ден во дружење со маџирмаалци и активно учествуваше во спортските и забавни содржини. Тој истакна дека Маџир Маало е пример за традиција што се одржува и се пренесува со години“.

-Маџир Маало има своја енергија и карактер, надалеку прочуени. Овие средби се доказ дека автентичниот маалски дух му пркоси на времето. Секогаш е задоволство и чест да се биде со маџирмаалци. Општина Центар и понатаму ќе ги поддржува ваквите настани, кои се важен дел од локалната традиција - изјавил Герасимовски.

На спортските терени во Маџир Маало, на Кејот на Вардар се одржа богата спортско-културна програма со ревијални фудбалски натпревари, како и традиционалниот турнир во „фанта“.
-На фудбалскиот натпревар помеѓу екипите на Општина Центар и Град Скопје, заслужено победи екипата на Центар, во фер и спортска атмосфера. Настанот заврши со заедничко дружење и доделување признанија и благодарници. Општина Центар 42 години по ред е покровител на Маџирмаалските средби, се додава во соопштението. ац/вј/
Фото: Општина Центар