Герапетритис по средбата со Рубио: Неопходна е поддршката од САД
- Во однос на Украина, укажав дека Европа останува посветена на праведно и одржливо решение за украинскиот народ. И независно од јавната конфронтација, Европа останува обврзана да ја надгради својата одбранбена инфраструктура. Но, поддршката од Соединетите Држави е неопходна, посочи министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис по средбата со американскиот државен секретар Марко Рубио во Вашингтон, јави дописничката на МИА од Атина

Атина, 1 март 2025 (МИА) – Во однос на Украина, укажав дека Европа останува посветена на праведно и одржливо решение за украинскиот народ. И независно од јавната конфронтација, Европа останува обврзана да ја надгради својата одбранбена инфраструктура. Но, поддршката од Соединетите Држави е неопходна, посочи министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис по средбата со американскиот државен секретар Марко Рубио во Вашингтон, јави дописничката на МИА од Атина.
Шефот на грчката дипломатија и американскиот државен секретар се сретнаа само неколку часа по средбата на претседателите на САД и Украина, Доналд Трамп и Володимир Зеленски.
Во изјава за државната телевизија ЕРТ и грчките дописници во САД, Герапетритис за првата средба со Рубио нагласи дека имале опсежна дискусија и околу 45 минути разговарале „за сите прашања поврзани со билатералните односи, регионалната соработка и меѓународното опкружување“, а разговарале за билатералните односи, ситуацијата во Украина и на Блиски Исток.
За Блискиот Исток, шефот на грчката дипломатија рече дека мора да се најде решение, кое ќе обезбеди мир и просперитет во регионот, ќе ја гарантира безбедноста на Израел, но и иднината на палестинскиот народ, а поширокиот регион конечно да влезе во состојба на долготраен мир.
Герапетритис и Рубио разговарале и за стратешките односи меѓу двете земји и за, како што рече грчкиот министер, можностите за дополнително да се развијат во економијата, туризмот, трговијата, во енергетиката и во односите меѓу луѓето.
- Грција, како членка на Советот за безбедност на Обединетите нации, во фокусот на меѓународните случувања, е во позиција да остави силен дипломатски отпечаток. Грција разговара со сите. Претставува мост помеѓу Истокот и Западот, Северот и Југот. И очекуваме дополнителна соработка со американската влада, за од една страна значително уште повеќе да се подобрат нашите билатерални односи, а од друга страна заеднички да придонесеме за консолидација на регионалниот и меѓународниот мир, посочи Герапетритис.
Американскиот државен секретар на платформата Икс напиша дека со грчкиот министер за надворешни работи разговарале за она што можат да го постигнат заедно како партнери, сојузници во НАТО и за време на мандатот на Грција во Советот за безбедност на ОН.
- Разговаравме и за безбедносното и енергетското лидерство на Грција во Источниот Медитеран и за перспективите за идна соработка, напиша Рубио на Икс. ср/ми/
Фото: Министерство за надворешни работи на Грција