• четврток, 26 декември 2024

Еко-свест: Со гасниот конектор наместо обновливи извори ќе добиеме нов фосилен господар

Еко-свест: Со гасниот конектор наместо обновливи извори ќе добиеме нов фосилен господар

Скопје, 16 ноември 2023 (МИА) - Со форсирањето на гасниот интерконектор со Грција, земјава може да се заглави уште повеќе од три децении во нова зависност од фосилни горива и да ги потроши парите кои може да се вложат во обновливи извори на енергија, оценува Центар за истражување и информирање за животната средина Еко-свест.

Со напуштањето на јагленот и нафтата, наведуваат од Еко-свест, се ризикува да се поврземе за гасот во време кога многу земји од ЕУ забрануваат инсталирање на нови приклучоци поради влијанието врз животната средина и кога се проценува дека цената на овој енергенс само ќе се зголемува поради ризиците во испораката и новите правила на наплата за емисиите на јаглерод диоксид на Европската Унија.

-Интерконекторот кој треба да носи гас од Грција ќе ја насочи државата кон комплицирана изградба на гасна мрежа во сите општини што ќе трае долго и според различни сценарија може да чини меѓу 240 и 745 милиони евра. Овие пари може поефикасно да се насочат кон развој на обновливи извори на енергија и забрзување на продирањето на постоечки ефикасни системи за готвење, загревање на вода и на домаќинствата кои користат комбинации од соларни панели и топлински пумпи, се посочува во соопштението. 

Дополнително, истражувањето на јавното мислење и фокус групите кои ги спроведе Еко-свест, укажуваат дека повеќе од две третини од испитаниците би се приклучиле на гасна мрежа доколку цената на приклучок изнесува до 300 евра. Меѓутоа, проценката на Еко-свест е дека цената на приклучок нема да биде под 700 евра. Оваа цена пак е прифатлива за само 4 отсто од испитаниците.

-Проценката е и дека воведувањето на гасот за домаќинствата ќе придонесе за сериозно изместување на пазарот на уреди за готвење, загревање на водата и на грејни тела со оглед на тоа што гасните уреди досега беа многу малку застапени на тој пазар, а со гасификацијата ќе се јави огромна потреба од нив. Тоа, дополнително ќе го забави преминот кон обновлива енергија кај домаќинствата. За проектот за гасниот цевковод од Грција не беше овозможена отворена консултација со сите засегнати страни во врска со неговото влијание врз животната средина. Интерконекторот од необјаснети причини е поделен на три различни проекти во Грција и Македонија што го прави уште покомплициран за изведба, посочуваат од Центарот. 

Гасот како фосилно гориво, енормно ги зголемува емисиите на стакленички гасови, пред сѐ на јаглеродните оксиди. Едно од главните прашања кое се поставува е дали емисиите на стакленички гасови од гасниот интерконектор се во согласност со обврската на земјата да ги намали емисиите на стакленичките гасови до 2030 година, согласно Парискиот договор, велат од Еко-свест. љм/са/

Фото: Центар за истражување и информирање за животна средина Еко-свест

Остани поврзан