• недела, 24 ноември 2024

Галант го одобри планот за повикување ултраортодоксни евреи во армијата

Галант го одобри планот за повикување ултраортодоксни евреи во армијата

Ерусалим, 9 јули 2024 (МИА) - Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант денеска го одобри планот за започнување регрутирање на ултраортодоксните Евреи во армијата, потег што веројатно дополнително ќе ги заостри односите во фрагментираната десничарска коалиција на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Владата на Нетанјаху се потпира на две ултраортодоксни партии кои сметаат дека регрутирањето е клучно за задржување на нивните гласачи во религиозните семинарии и надвор од војската.

Нивните политички лидери цврсто се противат на регрутирање во време кога израелската армија се обидува да ги зајакне своите редови во период на деветмесечната војна со палестинската милитантна група Хамас во Појасот Газа.

По разговорите со високи воени претставници, Галант ги одобри нивните препораки за т.н. прв воен рок на ултраортодоксни мажи во армијата следниот месец, се вели во соопштението на Министерството за одбрана.

Наредбата е за првична проверка и оценка за да се утврдат потенцијалните регрути.  Поканите на Израелците им се испраќаат кога ќе наполнат 16 години, а обично влегуваат во воена служба на 18 години.

Според законот, Израелците се обврзани да служат војска од 24 до 32 месеци. Членовите на 21 процентното арапско малцинство во Израел се ослободени од воена служба, иако некои служат во армијата. Од своја страна, ултраортодоксните еврејски следбеници, исто така, беа ослободени од воена служба во последните децении.

Меѓутоа, минатиот месец, израелскиот Врховен суд пресуди дека државата треба да започне со регрутирање студенти од ултраортодоксните еврејски семинари во армијата.

Долгогодишното ослободување на ултраортодоксните од воена служба предизвика протести во последните месеци од обичните Израелци. Од своја страна, ултраортодоксните демонстранти ги блокираа патиштата во знак на протест против одлуката. паг/

Фото: ЕПА

 

 

Остани поврзан