• сабота, 23 ноември 2024

Вучиќ со Туск за евроинтеграциите на Србија и косовското прашање

Вучиќ со Туск за евроинтеграциите на Србија и косовското прашање

Белград, 24 октомври 2024 (МИА) - Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, денеска се сретна со премиерот на Полска, Доналд Туск, со кого разговараше за зајакнувањето на билатералните односи, патот на Србија кон ЕУ, ситуацијата во Косово и актуелната состојба во регионот и светот, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ на заедничката прес-конференција изјави дека на синоќешната средба со Туск и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис му пренеле многу важни пораки во врска со членството во ЕУ и отвориле нови перспективи и нова надеж дека е можно да се очекува поинаков однос на ЕУ во иднина, со сето она што треба да го направи Србија.

Тој наведе и дека побарал од премиерот на Полска да го слушне ставот на Белград за косовското прашање.

-Тој е „виновен“ што не сум во Казан на Самитот на БРИКС, а потоа и тој сакаше да ме сослуша. Секако дека нема да кријам, премиерот Туск би сакал да види целосна усогласеност со европските декларации, односно во однос на санкциите против Русија. Јас се обидов да го објаснам ставот на Србија, да укажам колку хуманитарна и финансиска поддршка и дадовме на Украина и како и на кој начин зборуваме за почитување на Повелбата на ОН и го претставив ставот на Србија, рече Вучиќ.

Полскиот премиер Доналд Туск изјави дека Полска го поддржува европскиот пат на Србија и дека Европската унија не е целосна без Србија.

- Ја поддржуваме регионалната соработка, особено иницијативата Отворен Балкан, која ја започнаа Србија, Албанија и Северна Македонија, како и Берлинскиот процес. Свесни сме за амбициозните планови што ги има Србија кога станува збор за Планот за раст, со цел да го забрза својот европски пат, рече Туск.

Тој посочи дека за Полска се важни билатералните односи со Србија, особено зајакнувањето на економската соработка.

- Мојот пријател Александар Вучиќ ми рече дека би сакал да го види овој регион наскоро во Европската унија и дека го поддржува почетокот на преговорите со Албанија и Северна Македонија, бидејќи, како што вели, „кога имаш успешни соседи, целиот регион е успешен“, изјави полскиот премиер. об/паг/

Остани поврзан