• петок, 08 ноември 2024

Врховниот суд на Бразил ја забрани работата на платформата X

Врховниот суд на Бразил ја забрани работата на платформата X

Бразилија, 31 август 2024 (МИА) - Судијата на бразилскиот Врховен суд, Александре де Мораеш нареди „итно суспендирање“ на платформата Х (поранешен Твитер) во земјата, откако истече рокот што му беше даден на сосптвеникот на платформата милијардерот Илон Маск да назначи правен застапник во Бразил.

Овој потег е последен во серијата повеќемесечни конфликти меѓу бразилскиот суд и Илон Маск.

Во пресудата, Мораеш нареди „целосна и итна суспензија“ на X во земјата додека платформата не се усогласи со сите претходни судски пресуди, вклучително и парична казна од 3,28 милиони долари и назначување правен застапник во Бразил.

Во одлуката на судот се наведува дека казните за поединци и компании кои користат алтернативни начини за пристап до платформата X ќе изнесуваат до 50.000 бразилски реали или нешто повеќе од 8.000 евра на дневна основа.

Судот му нареди на телекомуникацискиот регулатор „Анател“ да ја спроведе одлуката во рок од 24 часа.

Одлуката на судот ја поддржа и бразилскиот претседател Лула да Силва, кој изјави дека Илон Маск мора да ги почитува и да се прилагоди на прописите во Бразил.

Претходно оваа година, Мораеш му нареди на X да блокира одредени содржини вклучени во ширење лажни вести и говор на омраза.

Маск, осудувајќи ја наредбата како цензура, одговори со затворање на канцеларијата на платформата во Бразил, но најави дека услугите на Х ќе продолжат да бидат достапни во земјата.

Во своите објави на X, Илон Маск го спореди судијата Мораеш со Лорд Волдеморт, лик од серијата Хари Потер и го нарече диктатор со маска на судија.са/

Фото: МИА архива

Остани поврзан