• сабота, 28 декември 2024

Врачена највисоката награда - ГРАН ПРИ на Мице Јанкуловски на Меѓународно биенале на уметноста на минијатура во Горњи Милановац

Врачена највисоката награда - ГРАН ПРИ на Мице Јанкуловски на Меѓународно биенале на уметноста на минијатура во Горњи Милановац

Скопје, 21 април 2024 (МИА) - Во Центарот за култура „Мија Алексиќ“ во Горњи Милановац, Р. Србија, вчера му беше доделено ГРАН ПРИ на македонскиот меѓународно афирмиран уметник Мице Јанкуловски на 17-тото Меѓународно биенале на уметноста на минијатурата. Корнелија Конеска.

ГРАН ПРИ-то на Јанкуловски и наградите на останатите наградени уметници, соопшти денеска Корнелија Конеска, им ја врачи претседателот на Организациониот одбор Јадранка Достаниќ (заменик претседател на Општината).

- Секогаш сум верувал дека времето не се мери со часови, туку се мери со настани. Сите ние тука сме проживеале повеќе човечки животу во градење и создавање вредности, најпрвин како индивидуален порив, а потоа како придонес кон уметноста. Придонесот на секој од нас поединечно, секој во својата област, е пиксел во дигиталната слика која ќе сведочи пред идните генерации за степенот на развој на културата во нашето време. Зашто, да не заборавиме.. реалноста во која живееме не сме ја наследиле од своите предци, туку ја позајмуваме од нашите деца. Ним треба да им оставиме вистински систем на вредности со кој тие понатаму ќе можат да го измерат и немерливото! Оваа награда ни го овозможува токму тоа и за сите нас претставува остварување на најголемата желба на секој поединец – да биде препознаен од својата и меѓународната заедница и за тоа од срце ви благодараме, рекол Јанкуловски во обраќањето пред присутните, во име на сите наградени уметници.

Како што стои во соопштението, околу 550 уметници со повеќе од 900 дела се одзвале на конкурсот на Биеналето. После селекцијата (од страна на селекционата комисија во состав: Саша Степанов, претседател; Саша Јањиќ, заменик претседател и Аница Радошевиќ Бабиќ, член) одбрани се 648 дела од 423 уметници кои ја сочинуваа изложбата на Биеналето, концепциски поделено во седум изложбени категории: сликарство, графика, скулптура, цртеж, применета уметност, фотографија и интермедијална уметност.

Меѓународното жири на 17-тото Меѓународно биенале на уметноста на минијатурата во состав: Сава Степанов, Србија (претседател); Даниела Билопавловиќ Беденик, Хрватска (член) и Катарина Дуканац Стевлиќ, Србија (член) – едногласно одлучиле добитни на ГРАН ПРИ да биде Мице Јанкуловски.

- Одлуката на Мице Јанкуловски да му припадне ГРАН ПРИ на 17-тото Меѓународно биенале на уметноста на минијатурата ја донесовме едногласно, врз основа на естетските вредности, врз основа на техички мајсторската изведба на делото, и генерално на сеопфатните професионални вредност на уметникот. Драго ми е што ја доделивме наградата на вака голем уметник сметам дека е вистински избор да ја добие највисоката награда, изјавила Катарина Дуканац Стевлиќ. 

Покрај највисоката нагрда, ГРАН ПРИ, на Биеналето за уметноста на минијатурата биле доделени уште седум рамноправни први награди, по една во секоја категорија, како и шест Посебни награди. цр/

Фото: Корнелија Конеска

Остани поврзан