• петок, 22 ноември 2024

Вработените во МАНУ го активираа штрајкот, бараат повисоки плати согласно потпишаната Спогодба

Вработените во МАНУ го активираа штрајкот, бараат повисоки плати согласно потпишаната Спогодба

Скопје, 3 септември 2024 (МИА) - Вработените во Македонската академија на науките и уметоностите (МАНУ) од денеска повторно го активираа штрајкот. Во техничката служба на МАНУ се 36 вработени кои од денеска штрајкуваат.

Претседателот на синдикатот на УПОЗ, Трпе Дејановски на прес-конференцијата истакна дека вработените во МАНУ штрајкот го започнаа на 9 февруари 2023 година, кој траеше еден месец, по што е потпишана Спогодба за ставање во мирување на штрајкот. Но, како што вели Дејановски, од потпишаната Спогодба меѓу вработените и работодавецот не е исполнето ништо. Затоа штрајкот повторно е активиран и ќе трае до исполнување на барањето, а тоа е зголемување на платите на вработените.

Дејанов изјави дека вработените во МАНУ ќе штрајкуваат во текот на целото работно време, ќе работи само архивата за прием на пошта, а другите вработени ќе штрајкуваат и нема да се извршуваат никакви работни задачи. Дејановски истакна дека во текот на изминатата година, акдемиците најмили адвокатска канцеларија, преку која одела комуникацијата со вработените во администрацијата на МАНУ.

- Истите во периодот кога се активираше штрајкот најмија адвокатска канцеларија  преку која се одвива комуникацијата со вработените и која има една единствена задача, а тоа е да ги заплаши вработените и да најде начин, како да го забрани одвивањето на штрајкот. Исто така дел од академиците, раководителите на организационите единици при МАНУ кога беше најавено активирањето на штрајкот веднаш почнаа со закани на вработени дека ќе бидат избркани од работа, а одредени раководители со пцости и навреди почнаа да им се обраќаат на вработените. Што не им доликува на титулата Академик, вели Дејановски.

Тој порача дека секој кој ќе им се заканува или ги навредува вработените во МАНУ ќе биде објавен јавно без ралика на тоа каква функција извршува во МАНУ.

- Да го потсетам раководството на МАНУ дека во Спогодбата која се потпиша со синдикатот преземаа обврска дека до 31 декември 2023 година ќе биде потпишан Колективен договор и ќе се направи измени и дополнување на Законот за конечно да се реши проблемот со платите. Од 31.12. 2023 година до денеска поминаа девет месеци вработените не добија ништо освен пцости, закани и навреди, рече Дејановски.

Благој Грујиќ, претседател на Синдикатот на МАНУ, рече дека бараат зголемување на платите, за  кои, како што рече, долго време не се зголемени.

Прашан колку изнесува платата на вработените во МАНУ, Грујиќ со одговор дека е минималец и дека поради  неатрактивноста на платите нема интерес за вработување во МАНУ.

- Во врска со изјавите за вработените, јас можам да кажам дека последниве 15 и повеќе години секој конкурс за секое работно место во администрацијата е пуштен во македонски и во албански весници. Тоа што ниту еден Албанец се нема пријавено, ниту еден Македонец се нема пријавено, ниту Палестинец затоа што се премногу мали платите, проблем што треба да го реши како Академијата, така и нашиот основач Собранието, рече Грујиќ.  вдј/бак/

Фото: МИА 

Остани поврзан