• четврток, 26 декември 2024

Во Швајцарија пронајден врв од стрела стар 3.000 години, направен од железо од метеорит

Во Швајцарија пронајден врв од стрела стар 3.000 години, направен од железо од метеорит

Берн, 9 август 2023 (МИА) - Врв од стрела откриен во Швајцарија, според наодите, потекнува од бронзеното време, а е направен од железо од метеорит, посочува тимот истражувачи од Природонаучниот музеј во Берн.

Врвот од стрела долг 39 милиметри, што датира од времето меѓу 900. и 800. година п.н.е., бил пронајден во Мериген на езерото Биел, за време на ископување во 19 век, се вели во научниот труд објавен во „Списанието за археолошки науки“. Артефактот стар речиси 3.000 години е направен од метеорит што паднал во Естонија. Ова покажува дека железото од метеорит било тргувано во Европа и во 800 година п.н.е. или порано, пренесува „Си-ен-ен“.

Истражувачите велат дека доказите за раната употреба на железо од метеорит се исклучително ретки, се вели во написот. Постојат само три познати наоѓалишта со метеорит со сличен хемиски состав во Европа, но археолозите сметаат дека најверојатниот извор во случајов бил во Калијарва, Естонија, каде што метеор ја погодил Земјата околу 1500 година п.н.е. и се создале многубројни мали фрагменти.

- Некои од овие откршоци подоцна биле пренесени во Швајцарија преку трговски пат, изјави водечкиот автор на истражувањето, Беда Хофман, раководител на Одделот за науки за Земјата во Природонаучниот музеј.

Слични откритија се пронајдени во Турција, Грција, Сирија, Ирак (Месопотамија), Либан, Египет, Иран, Русија, Кина и само на две наоѓалишта во Европа - и двете во Полска. Научниците потврдија дека Мериген е третото европско археолошко наоѓалиште.  си/сд/

Фото: Објава на „Си-ен-ен“, фотоисечок.

Остани поврзан