Во Србија за две недели собрани повеќе од 650 илјади евра солидарна поддршка на просветарите
- Претседателката на српското Собрание Ана Брнабиќ денеска изјави дека 75 отсто од основните училишта работат редовно, додека само едно училиште е целосно затворено (во Омољица, блису Панчево), а повеќе од 80 отсто од средните училишта одржуваат настава со полн капацитет.

Белград, 26 март 2025 (МИА) - Околу 20.000 наставници и не-наставен кадар во Србија се без плати или целосна исплата на плата за февруари поради протести и блокада на наставата. За две недели за солидарна поддршка за тие вработени, српски граѓани и компании уплатиле 76.290.000,00 динари на наменската сметка на Фондацијата „Алек Кавчиќ“, а во 2.166 исплати работниците во образованието добиле речиси 35 милиони динари, соопшти денеска фондацијата, јави МИА од Белград.
Според препораката на белградскиот средношколски форум, на вработените во образовниот систем на кои им се намалени платите за 25.000 и повеќе динари, ќе им бидат исплатени 18.700 динари од сметката на Фондацијата, а за намалувања помали од 25.000 динари ќе се исплаќаат 9.350 динари.
„Околу 20.000 наставници и ненаставниот кадар во образовните институции останаа без плати или не им беа исплатени целосните плати за февруари 2025 година. Се проценува дека треба заеднички да се соберат околу 100.000.000 динари помош за делумно да се намали разликата во неисплатените плати на наставниците“, велат од Фондацијата Алек.
Како што наведуваат, најголем придонес во солидарната акција за просветните работници дале самите граѓани, а веднаш се вклучиле претприемачи, мали и средни претпријатија, големите системи, како и Србите од дијаспората. Поединечно, најголеми плаќања имало од системите „Јунајтед груп“, „Јунајтед медиа“ и „СББ“ кои уплатиле над 10 милиони динари во еден ден, како и компанијата „Цептер“ која донирала 2 милиона динари.
На предлог на белградскиот средношколски форум, универзитетската заедница, ИТ заедницата на Србија и граѓаните, Фондацијата „Алек Кавчиќ“ се вклучи во кампањата за собирање средства за вработените во училиштата чии плати за февруари 2025 година се намалени поради блокадата на наставата.
Претседателката на српското Собрание Ана Брнабиќ денеска изјави дека 75 отсто од основните училишта работат редовно, додека само едно училиште е целосно затворено (во Омољица, блису Панчево), а повеќе од 80 отсто од средните училишта одржуваат настава со полн капацитет.
„Ситуацијата во училиштата е добра. Не е идеална, но станува многу подобра. Во моментов имаме над 70 проценти од основните училишта што работат сосема нормално. Сите наставници одржуваат часови по 45 минути, над 75 проценти, а само едно основно училиште во цела Србија, од 1.254 основни училишта, е целосно затворено“, изјави Брнабиќ за белградски медиуми.
Што се однесува до средните училишта, состојбата се подобрува, посочи таа и додаде дека 58 средни училишта се целосно затворени. зш/
(1 евро - 117 динари)