• недела, 13 октомври 2024

Во Прилеп се одржа 15. Саем на земјоделски производи

Во Прилеп се одржа 15. Саем на земјоделски производи

Прилеп, 12 октомври 2024 (МИА) - Во организација на невладината „Лаг Агро Лидер“ и на прилепската локална самоуправа, на платото пред Градскиот саат во Прилеп се одржа 15-тиот Саем на земјоделски производи. Саемот е во пресрет на 15 октомври - Меѓународниот ден на руралните жени, и е под наслов „Руралните жени произведуваат добра храна за сите“. Производи изложија 20-тина производители од Прилепскиот и од другите региони.

-Со саемот и оваа година лаг „Агро Лидер“ се приклучува на глобалното одбележување на Меѓународниот ден на руралните жени, со цел да ја промовираме улогата на руралните жени во системите на производството на храна, но и воопшто, одржливоста на локалните заедници под мотото „Руралните жени произведуваат добра храна за сите“. На Саемот се македонски производителки за да ги промовираат своите производи по оригинални рецептури, зачувувајќи ги традицијата, културата и сето она што е обележје на нашата држава, изјави Марина Тошеска од невладината „Лаг Агро Лидер“ од Прилеп.

Руралните жени се вклучени и во производството на култури и во преработката на културите и во дистрибуцијата. Нивниот труд е некогаш платен, но некогаш не е, сѐ уште е непрепознатлив, а сите ние ги чувствуваме бенефитите. Невладината „Лаг Агро Лидер“ неколку години инсистира на озаконување на иницијативата за платено породилно отсуство на руралната жена, а не да се решава програмски како што е во моментов. Во земјава се регистрирани 30 000 жени земјоделки, а околу 1000 плаќаат здравствено и пензиско, но не користат боледување.

-Веќе неколку години постои иницијативата за промена на законот за здравствено осигурување и за воведување законска регулатива со овозможување платен надомест за мајчинство и раѓање и за жените во земјоделскиот сектор. Направивме неколку исчекори, но сѐ уште немаме финално решение. Се надевам дека креаторите на политики, и, нормално, и власта, ќе го имаат слухот оваа година ќе им го даде пристапот на руралните жени до еднакви права како и за другите жени во другите дејности. Моментално постои програма, но тоа не е решение. Сепак ни треба системско и законодавно решение за овие жени да не се чувствуваат дискриминирано. Во моментов се дискриминирани, зашто немаат пристап до еднакви права и не само за породилното отсуство, туку и за боледувањето, објаснува Тошеска.

Жените земјоделки и земјоделците инсистираат на мерки и иницијативи за пласман на производството.

-Треба да има повеќе пазари, базари, повеќе промоција на жената од руралната, но и од урбаната средина која сака да се занимава со сопствено производство. Потребен е организиран пласман на производите, истакна Цеца Видова Трајческа од Прилеп.

Неопходна е поголема грижа на државата и на локалната заедница за достоинствени права на руралната жена.

-Руралната жена е неограничен капацитет. Таа е и домаќинка, и мајка, и производителка и потребна е поголема грижа и на државата и на локалната заедница за незина поддршка за сето што го работи и произведува за да се пласира, но да ги има сите достоинствени права, посочи Гордана Цветаноска, производителка од Мало Коњари, Прилепско.

Потребни се стратегија и мерки за развој на земјоделското производство за да ја намалиме зависноста од увозот и да се зголеми интересот на младите, како и мерки против климатските промени и организиран пласман.

-Институциите и државата да се погрижат да направиме добри ресурси, организирано производство, план, програма, обука и која било форма на поддршка на земјоделецот. Јас тврдам дека тие генерации кои с епо нас, младите, ќе бидат успешни и работни во производството на храна, вели Гоце Младеноски од Радовиш.ем/бт/

Фото: МИА

Остани поврзан