• среда, 25 декември 2024

Во Прага средба на Османи со Блинкен

Во Прага средба на Османи со Блинкен

Скопје, 31 мај 2024 (МИА) - Министерот за надворешни работи Бујар Османи, денеска се сретнал со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен, на маргините на неформалниот НАТО состанок во Прага, соопштија од МНР.

На средбата се разговарало за актуелните настани во Северна Македонија, при што Османи брифирал за  неопходноста од продолжување на евроатлантскиот пат на земјата, како клуч за стабилноста.

- Евроинтегративниот процес, посветеноста кон функционалната мултиетничка демократија и почитувањето на трите договори се неопходни за зачувување на стабилноста на земјата и регионот, нагласил Османи, стои во соопштението.

Тој се заблагодарил за континуираната поддршка од САД за реформските процеси, борбата  против корупцијата и демократскиот развој на Северна Македонија. Ја нагласил и посветеноста на земјава во спроведувањето на активностите кои произлегуваат од Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД, кој Османи и Блинкен, се додава во соопштението, заеднички го лансираа во Вашингтон, во јуни 2022 година.

Како што соопштија од МНР, соговорниците се осврнале и на руската воена агресија во Украина, истакнувајќи дека како стратешки партнери и НАТО сојузници стоиме обединети во поддршката за украинскиот народ. цр/дма/

Фото: МНР

 

 

Остани поврзан