• сабота, 27 јули 2024

Во Охрид формиран Совет за заштита на потрошувачите

Во Охрид формиран Совет за заштита на потрошувачите
Охрид, 15 март 2022 (МИА) – Подигање на степенот на заштита на потрошувачите, ќе овозможи новоформираниот Совет за заштита на потрошувачите при Општина Охрид. Одлуката за формирање Совет за заштита на потрошувачите беше донесена на денешната седница на Советот на општина Охрид, а како што појасни Вангел Спироски од Организацијата на потрошувачи, целта е сензибилирање на јавноста за заштита на потрошувачите и подигање на нивото на заштита на потрошувачите во Општина Охрид. - Предвидени активности на Советот се едукација во делот на потрошувачкото право, потрошувачките политики, подигање на свеста на потрошувачите во односна нивните права и улогата во пазарната економија, информирање на јавноста за Законот за потрошувачи, активности за следење на состојбите на локалниот пазар, јакнење на институционалната рамка и воспоставување соработка и координација меѓу субјектите релевантни за заштита на потрошувачките права со посредство на инспекциските органи за обезбедување на пазарниот надзор, појасни Спироски. Според него, ќе се организираат јавни трибини и ќе се изработат брошури за едукација на граѓаните, со цел да ги запознаат со своите основни потрошувачки права. - Секојдневно сите ние сме потрошувачи и неминовна е потребата од фомирање на ваков Совет и со тоа да се подигне степенот на заштитата на потрошувачите во Општина Охрид, нагласи Спироски. Со формирање на овој Совет, додаде, Советот на Општина Охрид дава свој придонес во остварувањето на таканаречените осум основни потрошувачки права, кои се прифатени од страна на Обединетите нации. Понатаму, правото на задоволување, расположливост на основни потреби за стоки и услуги на територијата на општината, право на безбедни стоки и услуги кои се нудата на пазарот, право на информираност за прашања од интерес на потрошувачите, остварување на правото на избор преку развој на малопродажна мрежа на стоки и услуги на територијата на општината, можноста да се чуе гласот на потошувачите, обесштетување на потрошувачите кога нивните економски интереси се загрозени, како и образование на потрошувачите и здрава животна средина. сс/свс/

Остани поврзан