• четврток, 19 декември 2024

Во Охрид формиран Меѓудржавниот комитет на Македонија и Албанија за управување со Охридскиот регион

Во Охрид формиран Меѓудржавниот комитет на Македонија и Албанија за управување со Охридскиот регион
Охрид, 17 јануари 2020 (МИА) – Во Охрид денеска се одржа конститутивен состанок на Меѓудржавниот комитет на Македонија и Албанија за управување со Охридскиот регион, Охридското Езеро и неговиот слив, како активност со цел што поголема заштита на Охридскиот регион како природна и културна реткост заштитена од УНЕСКО. Формирањето на Комитетот претставува и исполнување на една од препораките на УНЕСКО, како тело што ќе го менаџира процесот на сите активности околу Охридскиот регион. Министерот во Владата на РСМ и претседател на Националната комисија за УНЕСКО Едмонд Адеми појасни дека во новоформираното тело се вклучени претставници на централните и локалните власти на двете држави, како и на граѓанскиот, невладиниот сектор, кои работат на прашањата поврзани со заштитата на природното и културното наследство. - Во Република Албанија гледаме важен партнер во управувањето со сите предизвици околу заштитата и одржливиот развој на Охридското Езеро и сигурни сме дека ќе имаме суштинска и продуктивна соработка од обостран интерес. Нашата држава го поддржа проширувањето на заштитеното подрачје околу Охридското Езеро со делот што е во Албанија, а сега исто така е под заштита на УНЕСКО. Паралелно со нашите напори, сметаме дека тоа е дополнителна гаранција за зачувување на универзалната вредност на Охрид и регионот во целина. Наша должност е да работиме и соработуваме со сите засегнати по односните прашања, со цел да не дозволиме понатамошно загрозување на природното и културното наследство и да воспоставиме систем за негово организирано, стручно и одржливо управување. Општествениот консензус за потребата заедно институционално да работиме на овие прашања, се исто толку важни колку и прекуграничната соработка со нашите соседи, рече Адеми. Во оваа прилика тој уште еднаш ја нагласи посветеноста на Владата сериозно да работи на тие прашања, како што рече, „во интерес на Охрид, Охридскиот регион препознатлив по неговите природни и културни богатства, не само заради УНЕСКО, туку и заради нас самите во интерес на идните генерации“. Сокол Ѓока, генералниот секретар на албанскиот комитет на УНЕСКО, во оваа прилика изрази задоволство од формирањето на заедничкиот комитет, нагласувајќи дека албанската страна ќе направи се што е потребно за задржување на статусот на светско наследство и за афирмација на вредностите што обединуваат. - Се соочуваме со редица прашања, но одличната билатерална соработка на двете држави само ќе продонесе за реафирмирање на добрите практики и заедничките вредности што ги споделуваме, рече Ѓока, притоа истакнувајќи дека соработката ќе значи и размена на сите позитивни искуства во справување со предизвиците. Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески изрази уверување дека конституирањето на новото меѓудржавно тело ќе продонесе кон поголема заштита на езерото и кон исполнувањето на заедниките цели и интереси. - Ова претставува значаен чин во насока на исполнување на препораките на УНЕСКО, со заштитата на албанскиот дел на езерото и на поседот во Република Албанија. Влегувањето во листата на УНЕСКО после последната сесија на УНЕСКО во Баку, нормално е и пожелно е заеднилчки да пристапиме кон исполнувањето на препораките, кон заштита на езерото... Ова е прв состанок на телото, верувам дека во иднина заеднички ќе одговориме на сите предизвици, рече Георгиески. Неговиот колега, градоначалникот од Поградец, Илер Џакули, истакна дека се работи за заеднички проект и активност побарана од УНЕСКО што албанската страна ќе го исполнува во целина и оти ќе ги искористи сите капацитети и надлежности за одржлив развој на регионот, негова заштита, најмногу во насока на заштита од загадување. аб/ир

Остани поврзан