• среда, 25 декември 2024

Во Охрид меѓународна конференција „Социјалната работа и социјалната политика во време на глобални кризи“

Во Охрид меѓународна конференција  „Социјалната работа и социјалната политика во време на глобални кризи“

Охрид, 19 септември 2023 (МИА) – „Социјалната работа и социјалната политика во време на глобални кризи“ е насловот на тридневната Меѓународна конференција што по повод 65-годишнината  од образованието по социјална работа и социјална политика во организација на  Институтот за социјална работа и социјална политика при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од денеска се одржува во Охрид.

На повеќе од 130-те учесници од земјата и странство им се обрати министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, која изрази задоволство што е дел од овој собир што ја обединува научната фела и практичарите од областа на социјалната работа не само од регионот, туку и од светот на едно место.

Таа рече дека Република Северна Македонија по Устав е социјална земја, земја која се грижи за секој граѓанин и која овозможува помош и поддршка за сите. Додека политиките како промените во Законот за социјална заштита, проширувањето на правата кои ги добиваат граѓаните, воведувањето на нови социјални услуги за ранливите категории граѓани, развојот на иновативни заштитни пристапи се потврда дека посветено се работи на комплетирање на системот на поддршка на граѓаните.

- Промените во социјалната работа неминовно течат според промените во општеството. Пандемијата со Ковид 19, но и економската и енергетската криза пред кои бевме исправени периодот зад нас, потребите и ранливоста на граѓаните ни покажаа колку е важен системот на социјална заштита. И токму професионалците од областа се оние кои ги иницира промените. Претставниците на академијата се оние кои ги носат промените, ја креираат живоста на социјалниот систем и оние кои говорат гласно за секоја категорија и за правата кои треба да бидат водени, рече таа, користејќи ја приликата да го честита јубилејот на Институтот за социјална работа и социјална политика, посакувајќи натамошна успешната работа и продуцирање уште многу високостручни и научни кадри за работа во домените на социјалната, детската и здравствената заштита, како и во доменот на образованието.

Деканот на Филозофскиот факултет, Ратко Дуев, во оваа прилика посочи дека последиците од пандемијата и војната во Украина, особено засилената дигитализација и економската и енергетската криза, донесоа сериозни бранувања во светот, особена во Европа, а како што рече, брзината на настаните во последните неколку години и проблемите со кои се соочија државите нужно бараат брза реакција за намалување на негативните последици врз општествата.

- За жал времето не потсетува на Европа меѓу двете светски војни. Она што е потребно за да се прекине маѓепсаната спирала е светска промена во ставовите, вредностите и социјалната политика...Државите во светот мора да ги зајакнат механизмите на солидарност и посилна соработка на секој план, како против тежа на обидот да се наруши востановената светска архитектура, да се зацврстат меѓународните институции и да се почитуваат нивните одлуки, во спротивно земјите ги очекува голема катастрофа, рече деканот Дуев.

Денешницата е одбележуваат високи научни достигнувања во информатиката, телекомуникациите, природните науки, глобална економија и пазар, транспортот, масовни миграции на населението, што сето заеднички придонесува постојано да се слушаат термкини како  глобализација, интеркултирализам, мултикултурализам, инклузија како неминовност на сите промени во изминатата деценија.

- Но, за жал несразмерноста меѓу распределбата на богатството кое го мултиплицира глобалниот свет, на наталитетот и миграциите донесе до сериозни бранувања кои ги чуствуваме сите. Во голема мера причина за овие промени е што се повеќе се зголемува јазот меѓу богатите и сиромашните земји, расте сиромаштијата, рече тој посочувајжи на предупредувачките зборови на Аристотоел дека „сиромаштијата е родител на револуцијата и криминалот“.

Зборувајќи за предизвиците со кои се соочува сферата на социјалната работа денес, Дуев истакн дека тие се соодветно финансирање, канализирање на средствата за соодветни причини, разводнување на предметот на финансирање, искористување на соодветна технологија за помош во социјалната работа, целосно искоренување на социјалните зла како сиромаштија, разводнување на социјална етика, отстапување од целите, недостаток на ресурси...

- Здравствените нееднаквости ни кажуваат многу за добрите или лошите ефекти од социјалните политики на земјите во светот. Пандемијата укажа на сите слабости на системите. Уништувањето на јавното здравство на сметка на приватното, кога здравјето на луѓето е само профит е најголема опасност која во минатото довела до големи промени во светот, рече тој.

Притоа, нагласи дека образованието е најмоќното оружје што може да се користи за да се промени светот кон подобро, што впрочем е и основна дејност на Институтот за социјална работа и социјална политика при Филозофскиот факултет во Скопје, од каде генерации професори и околу 3000 дипломирани студенти, магистри и доктори на науки веќе 65 години работат на научно истражувачки проекти, подготовка на законски документи и стратешки акти, на соработка со домашни и меѓународни академски, владини и невладини организации, на бројни семинари за перманентно образование на кадар од областа на социјалната заштита, невладиниот сектор, локалната самоуправа, здравствено-образовните институции ...

- Социјалната работа е уметност на слушање и наука на надежта. Oд особено значење се меѓународните научни конференции, каде искуствата и истражувањата на современите процеси во голема мера ќе им помогнат на општествата да се справат со предизвиците. Од денес, во наредните три дена, ќе имаме можност да слушаме многубројни научни реферати во кои се содржани истражувања кои верувам ќе донесат надеж за подобро општетство и иднина за сите луѓе, рече деканот Дуев.

На собирот во Охрид ќе промовираат и дискутираат истражувања, практики и политики поврзани со теми кои се занимаваат со прашањето на глобалните кризи од различни перспективи релевантни за социјалната работа и социјалната политика.

Трудовите и излагањата се контекстуализирани во неколку домени на анализа вклучувајќи одговори на социјалните држави и социјалните политики на глобалните кризи, социјалните услуги во контекст на повеќекратни кризи, глобалните кризи и човековите права, влијанието на глобалните кризи врз социјално ранливи лица, како: мигранти, бегалци, жртви на семејно насилство, невработени, потоа влијанието на глобалните кризи врз социјалната заштита, детската заштита, вработувањето, образованието и здравјето, како и иновации во истражувањата, образованието и стручната пракса за социјалната работа и социјалната политика. аб/лв/

фото/МИА

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан