• недела, 23 март 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Во март 17 пожари на отворено на територијата на Крива Паланка – апел од надлежните, граѓаните да не палат стрништа

Во март 17 пожари на отворено на територијата на Крива Паланка – апел од надлежните, граѓаните да не палат стрништа

Крива Паланка, 21 март 2025 (МИА) – Состојбата со пожари на отворено во Крива Паланка, со 17 пожари за само 20 дена, беше повод надлежните да упатат апел до граѓаните за најстрога забрана за палење стрништа и земјоделски отпад.

По денешниот координативен состанок на градоначалникот со надлежните служби и инспекциското одделение од општината, на кој се разговараше за состојбата со хидранстска мрежа на подрачјето на општината и состојбата за противпожарна заштита, меѓу другото се проговори и за состојбата со пожари во општината, по што беше упатено известување за изрична забрана за палење стрништа и друг отпад при чистење ливади, земјоделски поседи и дворови во екот на претстојните пролетни расчистувања.

-Според информациите од Територијална противпожарна единица, периодов има зачестена појава пожари на отворен простор во нашата општина, кои во најголем дел се предизвикани од невнимание  на несовесни граѓани, при чистење на земјоделските површини, при што пожарот излегува од контрола, се опожаруваат поголеми површини, се причинува  материјална штета, како по природата, животната средина и биодиверзитетот, така и по имотот на граѓаните. За таа цел, денес упатувам еден апел граѓаните да не палат стрништа, рече градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.

Командирот на ТППЕ, Крива Паланка, Иле Коцевски, околу 13 часот и 30 минути информира дека и денес е примена дојава за пожар, вкупно 17-ти месецов, во атарот на село Мартиница, м.в. Љубина чешма, исто така предизвикан од палење стрништа при чистење ливада и зафатил поголема површина.

-Уште еднаш ќе апелирам граѓаните да се однесуваат крајно совесно, да не палат стрништа и да не предизвикуваат пожари. Согласно важечките закони за ваквите негативни појави  предвидени се големи казни. Глобата за предизвикување на пожар  изнесува до 3000 евра во денарска противвредност, како  и покренување на постапка за сторено кривично дело, рече Коцевски.

Согласно Законот за земјоделско земјиште, Законот за шуми, Законот за ловство, Законот за заштита и спасување, Законот за отпад, Законот за амбиентален воздух, Законот за заштита на животната средина и природата, Законот за облигационите односи  и многу други закони  и подзаконски акти, предвидени се одредби  дека секој граѓанин е должен да се однесува  соодветно во животната средина, да преземе мерки за заштита од пожари на земјоделското земјиште, на шумите, на ловиштата, да  ја заштити животната средина и природата, како и да го заштити амбиенталниот воздух од загадување. Доколку било кој се однесува спротивно на наведените закони и намерно или од крајно невнимание предизвика пожар  со што ќе причини штета на физички или правни лица, должен е покрај глобата што ќе ја плати во прекршочната постапка, да ја надомести и предизвиканата штета.

-Палењето на земјоделските површини го зголемува загадувањето на воздухот, води до локални и регионални промени во квалитетот на воздух, а тоа директно влијае врз еколошката карта на целиот регион. Дополнително се зголемува опасноста од шумски пожари, додава Коцевски. ид/сст/

Фото архива ТППЕ Крива Паланка 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан