• петок, 27 декември 2024

Во Крушево гости за празниците, се очекува безбеден пречек на Новата година

Во Крушево гости за празниците, се очекува безбеден пречек на Новата година
Крушево, 31 декември 2020 (МИА) - Во Крушево има гости кои сакаат новогодишните и божиќните празници да ги поминат мирно, спокојно и со чувство на безбедност. Оваа Нова година во секој поглед е поразлична, велат крушевчани кои, и млади и повозрасни, нагласуваат дека новогодишната ноќ ќе бидат во кругот на семејството, а градските власти се организирани да се прославува без групирања, и на граѓаните и на гостите во сместувачките капацитети. Младиот крушевчанец Анастас Ташески вели дека преку денот нешто ќе прослават, но нема големи друштва. Вели има гости. - Очигледно, оваа Нова година е многу, многу поразлична. Се знае дека до 18 часот работат угостителските објекти. Дотогаш, колку ќе прославиме, потоа дома со фамилијата. Има гости од другите градови, но повеќето фамилијарно се дојдени. Друштва многу поретко, па и казните се многу големи, ни изјави Ташески. - Гости има речиси како и другите години. Но, по улиците нема гости. Си седат во апартманите, ако прошетаат, арно. А ние дома. Со оглед на ситуацијата, редно е да ги почитуваме мерките, вели повозрасен крушевчанец. Низ градот затекнавме гости од Куманово кои, нагласија дека се на поминување, на чист воздух и во природа, а за Новогодишната ноќ-дома. Само да се здрави и живи. Мери Чавкароска, претседател на Здружението за туризам и угостителство во Крушево објаснува дека имаат најавено гости од повеќе градови, но претежно се познати кои знаат каде доаѓаат. Се е според заштитните мерки и протоколите. - Ситуацијата полека се стабилизира, но ние постојано сме претпазливи. Работевме со владиниот пакет „Дома си е дома“ со сите заштитни мерки. Има најави за Нова година, но со помал капацитет. Гостите се, претежно од Скопје, Куманово. Работиме главно со познати гости кои знаат каде доаѓаат и секој си е во свој апартман. Колку е толку, ние сепак сме задоволни и покрај се. Секако дека живееме од туризмот зашто така живее Крушево, вели Чавкароска. Хотелскиот менаџер Методија Стојчески вели дека полни се капацитетите со гости кои ќе се служат до 21 часот, а потоа сами си го прават пречекот. Посакуваат да има снег да се активира скијачкиот центар. - Работиме со протоколи и главно со домашни туристи иако имаше дел странски. Капацитетот за празниците ни е пополнет, главно со домашни туристи. Оваа Нова година ќе биде со термини според протоколите. За нашите гости е отворено до 21 часот, за другите до 18 со протокол за седење на масите. Потоа секој сами во собите и на свој начин имаат можност за пречек на Новата Година. Штета е што немаме снег да се искористат скијачките терени, но и други алтернативни можности. Скијачкиот центар во секој момент е подготвен, како и жичарницата и ски-лифтовите. Годинава ќе се прави и адреналин-парк за посетителите. А во 2021 година во план е да се прави нов скијачки центар, тоа е Мусица, рече Стојчески. Крушевскиот градоначалник Томе Христоски апелира за пречек без групирање. организирани се на теренот за да нема несакани ситуации. - Ситуацијата со корона-вирусот се нормализира. Ние перманентно ги преземаме сите мерки за заштита. Секојдневно се превенира, се делат заштитни маски. За новогодишните и божикните празници, веќе се организиравме со Министерството за внатрешни работи и со пазарната инспекција, а воспоставуваме и некаков ред со редари. Ќе бидат излезени на терен, ќе ги предупредуваат сите да нема групирање, да се прославуваа во семен круг. Апел упатуваме и до сместувачките капацитети и таму да нема групирање, изјави Христоски. Крушево посакува и очекува безбедни празници, а градот со околината нуди можности за тоа.ем/ир

Остани поврзан