Во Каиро продолжија преговорите за примирје во Газа
- Во Каиро се обновени преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободување на израелските заложници. Учесниците ги разгледаа начините за усогласување на позициите меѓу Израел и палестинското движење „Хамас“, додека ОН соопштија за влошување на хуманитарните услови на терен - широко распространета глад и случаи на детска парализа.
Каиро, 25 август 2024 (МИА) - Во Каиро се обновени преговорите за прекин на огнот во Појасот Газа и ослободување на израелските заложници. Учесниците ги разгледаа начините за усогласување на позициите меѓу Израел и палестинското движење „Хамас“, додека ОН соопштија за влошување на хуманитарните услови на терен - широко распространета глад и случаи на детска парализа.
Во израелските напади во Газа вчера загинаа 50 луѓе, соопштија палестинските здравствени власти.
Делегацијата на Хамас денеска пристигна во Каиро за да биде подготвена да ги разгледа предлозите што ќе произлезат во текот на преговорите меѓу Израел и посредниците Египет, Катар и САД.
Се очекува да присуствува и катарскиот премиер Шеик Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани.
Американски официјален претставник изјави дека преговарачите на неговата земја билатерално се сретнале со египетските претставници, а подоцна им се придружиле и претставниците на Катар. Тој изрази уверување дека претставниците на двете арапски земји одржале средби со Хамас.
Засега нема знаци за напредок во клучните спорни прашања, вклучувајќи го и инсистирањето на Израел неговите вооружени сили да го контролираат коридорот долж границата Газа-Израел.
Хамас го обвини Израел дека се враќа на претходно договорените прашања, што Израел го негира. Групата, исто така, рече дека САД не дејствуваат со добра волја во својата улога како посредник. рп/
Фото: МИА архива