• среда, 27 ноември 2024

Во Кавадарци работна средба на тема жртви на семејно насилство 

Во Кавадарци работна средба на тема жртви на семејно насилство 
Кавадарци, 23 ноември 2022 (МИА) - Да се спречи семејното насилство, беше темата на работната средба што денеска се реализираше во Кавадарци. Во септември годинава, тиквешкиот регион го доби првиот регионален советувалиштен центар за помош и поддршка на жртви на родово базирано и семејно насилство. На работната средба беше потпишан меморандум за воспоставување на центарот, како и договор за финансиска поддршка на граѓански организации. Документите ги потпишаа градоначалниците на Кавадарци, Неготино, Демир Капија и Росоман, како и претставници на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство и Здружението за родова еднаквост „Визија" од Кавадарци. - На средбата ги повикавме советничките од Советите на четирите општини и членовите во комисиите за еднакви можности, како и претставнички од форуми на жени од сите политички партии. Да им се заблагодариме на досегашната поддршка и да побараме поддршка за нашата работа во советувалишниот центар и во наредниот период. Укажавме на нужната потреба од негово функционирање и направивме презентација за досегашните активности, појасни за МИА, Благица Коцева - Тодорова, претседател на „Визија". Таа додаде дека на жртвите на семејно насилство, во Центарот на располагање им стојат стручни лица и тоа за правна поддршка, социјален работник и психотерапевт. Пред присутните говореше и Ана Аврамовска - Нушкова, проектен координатор во Националната мрежа. Се осврна на досегашните, сегашни и идни активности, поврзани со оваа проблематика. Таа и овојпат нагласи дека со сево ова, се придонесува за побрзо реинтегрирање во општеството. свд/цр

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан