• вторник, 24 декември 2024

Во Демир Капија реализирани археолошка, винска и презентација за уникатна флора и фауна

Во Демир Капија реализирани археолошка, винска и презентација за уникатна флора и фауна

Демир Капија, 4 ноември 2024 (МИА) - Археолошка, винска и презентација за уникатна флора и фауна беа реализирани денеска во Музејот во Демир Капија, во рамки на неколкудневното одбележување на 80 години од ослободувањето на градот.

Говорејќи за археологијата на овој простор, Цветанка Тодоровска Митрева, виш кустос археолог, се осврна и на најраното споменување на тврдината Просек. 

- Називот на тврдината Просек првпат во пишаните извори се среќава во 1019 г. во првата сигилија на Василиј II , а за последен пат е забележан во 1342 г.во историјата на Јован Кантакузин за време на граѓанската војна во Византија. Гледано од историски аспект, временската рамка на егзистирање на Просек се сместува меѓу овие датуми. Но, според археолошките откритија, на овој простор сместен во историски контекст, хронолошката рамка е многу поголема и се движи од праисторија се до османлиско време. Но уште порано во Историјата на Јован Скилица од крајот на 11 век, се спомнува дека Василиј II по битката со царот Самуил на Беласица, поминал покрај Просек, што укажува дека оваа тврдина била активна за време на Самуил. Новото име на клисурата веќе во 15 век започнува да се нарекува со новиот ориентализиран назив Демир Капу во османлиски период, појасни Тодоровска Митрева.

Гордана Крстевска, наставник по биологија и претседател на еколошкото Здружение „Јужна еколошка станица“ подвлече дека во рамките на ова подрачје во шумите, камењарите и пукнатините на карпите, како и покрај реките, се констатирани над 200 видови на дрвенести и зелјести растенија. 

- Овој број значително би се зголемил ако се земат предвид и видовите кои растат по нивите и напуштените земјоделски површини.
Најголемото флористичко богатство се наоѓа на источните падини на ридот Краставец т.е. во сливот на Клисурска Река, а најспецифичната флора е сконцентрирана на северните падини на Краставец т.е. на стрмолиите на р. Вардар, рече таа. 

Крстевска додаде дека регистрирани се 17 видови на балкански енедемити, 4 видови на балкански субендемити, 16 видови на медитерански, 22 видови со медитерански, 22 видови со субмедитерански и 19 видови со средноевропски флорни елементи.

- Што се оденсува до фаунистичкиот дел, исто така се одликува со извонредно богатство на без`рбетни и `рбетни животни. Регистрирани се над 70 видови на инсекти и околу 10 различни видови на мекотели. Рибната фауна е претставена со над 20 различни видови. Бројот на птиците надминува 150 различни видови со што Демир Капија претставува еден од  најважните балкански, но и европски орнитолошки резервати. Поради присутвто на неколкуте пештери,  подрачјето на Демир Капија претставува идеално место за живот на околу 18 различни видови лилјаци, а и бројот на останатие крупни цицачи е знатно голем, истакна Крстевска. 

Пред присутните говореше и Звонко Будимировиќ, кој се осврна на минатото на Демир Капија, за што пишува и книга. свд/мд/

Фото: МИА 

Остани поврзан