• петок, 27 декември 2024

Во Велес вечерва почнува 19 ИФАД Стоби

Во Велес вечерва почнува 19 ИФАД Стоби
Велес,17 септември 2022 (МИА) - Под мотото „Во нови слики“ вечерва во велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ свечено ќе започне  19-то издание на Интернационалниот фестивал на античка драма „Стоби“. Фестивалот ќе го отвори  претставата „Антигона“, според Софокле, во режија на Диего Де Бреа,  во продукција на „Београдско драмско позориште“ од Србија. На програмата на фестивалот, што ќе трае до 1 октомври, има околу 20 настани сместени во три три рамки: официјална селекција на фестивалот, придружна програма и off – програма на фестивалот. На истата сцена в понедлник, ќе се изведе претставата „Ифигенија“, според Еврипид, во режија на Зоран Ракочевиќ, настаната во копродукција меѓу „Корифеј театар“, ЦК „Колашин“ и ЦК „Бјело Поље“, сите од Црна Гора. Изведбата на претставата „Одисеј“ од Александар Секулов, според Хомер, режија на Диана Добрева, продукција на драмскиот театар „Н. О. Масалитинов“, од Пловдив, Бугарија е на 24 септември 2022 година. Народниот театар од Ниш ќе ја изведе претстставата „Еден Едип“, по авторски текст на А. Н. Роса, во режија на Југ Ѓорѓевиќ на 26 септември 2022 година. Последен наслов во официјалната селекција е „Пандорината кутија: наследството на ќерката“ од Ришард Ниечим и „Медиа Артес“, која ќе биде изведена на 28 септември 2022 година. Во чест на лауреатите, на 1 октомври 2022 година, ќе настапи Националната опера и балет со изведбата на современата балетска претстава „Госпоѓиците од Авињон“. Музиката е на Калиопи, кореографија на Олга Панго, а либрето на Сашо Димоски. Воедно, по изведбите на секоја од претставите во официјалната селекција ќе се одржат разговори, тркалезни маси со годинашното кредо на фестивалот: „Во нови слики“. На ИФАД Стоби 2022  ќе се доделат четирите традиционални  интернационалнни награди – за најдобра актерка, најдобар актер, најдобра режија и Гран при на фестивалот. за најдобра претстава. ад/цр

Остани поврзан