• петок, 27 декември 2024

Во Бигорски манастир достојно одбележан празникот на иконата „Достојно ест“

Во Бигорски манастир достојно одбележан празникот на иконата „Достојно ест“

Дебар, 24 јуни 2023 (МИА) - Достоинствено, по традиција, во присуство на голем број верници во Бигорски манастир беше одбележан празникот на иконата „Достојно ест“, со сеноќното бдение, читање Евангелието на Светата Литургија и со слово на неговото Преосвештенство, Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената бигорска Обител.

- Ѝ благодариме на Царицата Мајка што и оваа година нè благослови да се собереме на бдение, во сеноќна молитва пред нејзиниот сечесен и чудотворен Образ, наречен „Достојно ест“, кој се празнува токму денес. Според нејзината изобилна милост, нашата Обител е почестена во својот католикон да го има благословот на овој познат и омилен Образ на Пресветата Мајка Божја, рече владиката Партениј на почетокот од словото.

Потсети дека иконата пред којашто молитвено стоиме, пристигна во манастирот набрзо после пожарот од 2009 година, како една силна мајчинска утеха за нашите повредени срца. 

-Со самото свое доаѓање, таа, милата и пресвета Мајка наша, која секогаш е волна да ги слушне нашите болки, нашите искрени молитви, тогаш ги израдува и ги оснажи нашите срца, влевајќи во нив бодрост и духовни сили за претстојниот подвиг околу обновата на опожарениот конак. Иконата ни дојде како најголем благослов од Градината на Пресвета Богородица, од Светата Гора Атонска, каде што, впрочем, повеќе од десет века се чува нејзината првообразна икона „Достојно Ест“, посочи тој.

Оттаму, од сечесниот Храм на Протатонот во Кареја, додаде, таа ја благословува целата Света Гора и таму, како што се изразува блаженоупокоениот Старец Емилијан Симонопетриски, е нејзиниот престол на Земјата.

-Откако беше направен идентичен примерок, со восочен отпечаток на оковот, ние тогаш бевме удостоени нашата икона да биде допрена и осветена од првообразната „Достојно ест“, а потоа, со иконата, да отстоиме на бдение за празникот Воведение на Пресвета Богородица, во Манастирот Симонопетра, заедно со почитуваниот игумен, Старец Елисеј и монасите. Најпосле ја донесовме овде како утеха за монасите и за целиот верен народ, кој посакуваше што поскоро да се обнови Светијовановото Светилиште. И навистина, најмногу по молитвите на Пресветата Богомајка наша, која е заштитница на машкото монаштво и со жртвата и самопрегорните трудови на братството, за многу кратко време Манастирот повторно го врати својот изглед и убавина, а беше збогатен и со нов конак, нагласи владиката Партениј.

Пресветата наша Богородица, рече тој,  е присутна меѓу нас преку своите чудотворни икони и ни испраќа изобилна благодат. 

- Ги слуша нашите молитви. Ги знае нашите болки и страдања. Ги лекува нашите слабости. Еве, и ова вечер и ова утро, додека стоиме пред нејзиниот пресветол мајчински лик, Таа нè благословува, ги слуша нашите молби како добра Мајка, ги гали нашите срца со својата нежна мајчинска љубов. Затоа, да ги отвориме своите срца за Неа и до крајот на Светата Литургија да ѝ се молиме, за да останеме утврдени во верата во нејзиниот Син, Господ наш Исус Христос, та да можеме благодатно да чекориме низ врвиците на овој живот и да бидеме Христови сведоци на овој свет. Оти, нашето спасение во најголема мера зависи од споделувањето на Божествената благодат, од тоа дали им ја принесуваме и дали ја просиме за нашите ближни, за нашите браќа и сестри во Бога. Мисија на Христијанинот е да биде показател кон Царството Небесно, кон Христа, нагласи тој.

Во свет во којшто живееме, крајно вознемирен од гревот, човекот се наоѓа во конфузија, во страв и во меланхолија, рече и додаде дека " затоа денес, можеби повеќе од кога и да било претходно, потребно е живо сведоштво за Христа, кој единствен ги има одговорите на сите онтолошки прашања и решенијата на сите егзистенцијални проблеми".

- Нека Пресвета Богородица, чиешто благодатно присуство сите го чувствуваме, биде секогаш со нас и нека ни дава на сите сили да бидеме дејствителни Христијани до крајот на овој живот, а потоа да бидеме сите заедно со неа во посакуваното царство небесно, посака владиката Партениј на крајот од  словото. вт/ев/

ФОТО: Бигорски манастир

Остани поврзан