• четврток, 26 декември 2024

ВМРО-ДПМНЕ со симболичен марш до комплексот „Македонско село“ го одбележа ден на планетата Земја

ВМРО-ДПМНЕ со симболичен марш до комплексот „Македонско село“ го одбележа ден на планетата Земја

Скопје, 23 април 2023 (МИА) - Со симболичен марш од неколку километри поминати во искачување на Водно до комплексот „Македонско село“, ВМРО-ДПМНЕ денеска го одбележа денот на планетата Земја.

-Навистина е задоволство кога ќе може човек да помине квалитетни повеќе од еден час време со соработници и луѓе со кои што изминатите години поминавме заедно многу работи и делевме многу работи заедно, и сега во природа. Секој кој што може да помине време во природа во убаво друштво, ова е можноста, нашата планина Водно. И не е само Водно, насекаде во Македонија можете да уживате во природните убавини кои што ги нуди нашата држава, изјави лидерот на партијата Христијан Мицкоски по завршувањето на маршот.

Мицкоски посочи дека со овој симболичен марш сакаат да дадат добар пример и да ги мотивираат сограѓаните да се рекреираат во планина, и да ја чуваат природата.

-Ние денеска како ВМРО-ДПМНЕ и како Општински комитет на ВМРО-ДПМНЕ од Карпош, но не само од Карпош, тука има луѓе и од други општински комитети и граѓани кои што не се партиски, а ни се приклучија, навистина направивме еден убав пример и се рекреиравме во природа. Така што ова посакувам да стане пракса и еве нека биде задача на општинскиот комитет на Карпош да не мотивира и да не организира почесто да може следниот пат до врв да се качиме, да не биде само до тука, рече Мицкоски.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Тони Јаревски кој беше дел од маршот, изрази задоволство што оваа иницијатива на ОК од Карпош беше широко прифатена од како што рече, сограѓани, невладини организации, планинарски друштва, глумци, актери, спортисти, искрени љубители на природата како можност за дружење, за разговори, за уживање во природата. Тој при тоа упати и критика до власта за  запоставување на комплексот„Македонско село“.

-Покрај основната цел имавме за цел да укажеме и на потребата за комплетирање на проектот за пешачка и велосипедска патека на овој дел од градот, многу атрактивна за многу граѓани, а сеуште нереализиран, да укажеме на нашата жал за пропаѓањето на овој комплекс „Македонско Село“ каде што практично и буквите македонски ги отргна оваа власт, рече меѓу другото Јаревски. вг/дма/

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

 

Остани поврзан