• вторник, 12 ноември 2024

Виолинистот Роберт Лакатош настапува со Македонската филхармонија

Виолинистот Роберт Лакатош настапува со Македонската филхармонија

Скопје, 30 ноември 2023 (МИА) - Виолинистот Роберт Лакатош од Србија вечер ќе настапи како солист со оркестарот на Македонската филхармонија на концертот насловен „Искон“.

Како што соопштија од Филхармонија, на програмата се Концертот за виолина и оркестар во де-мол од Јан Сибелиус и Симфонијата бр. 1 од Васили Калиников. Диригент е Мануел Хернандез-Силва од Венецуела.

Финскиот композитор Јан Сибелиус (1865 – 1957) е еден од ретките композитори чиј опус целосно е обоен со звукот на неговата родна земја и кој оди рака под рака со борбата на финскиот народ за себеопределување и независност. 

Рускиот композитор Васили Калиников е еден од заборавените музички мајстори, чиј опус станува интернационално познат многу години по неговата смрт. 

Мануел Хернандез-Силва дипломира на престижниот Државен конзерваториум во Виена со највисоки оценки, а професори му биле Рејнхард Шварц и Георг Марк. Добитник е на наградата на натпреварот за диригирање „Јунгер Кунстлер“, што ја доделува Виенскиот камерен оркестар, со кој Силва диригира во Виена.

Како оперски диригент доби одлични критики за неговите изведби на „Волшебната флејта“ и  „Така прават сите“ од Моцарт, за Бетовеновата „Фиделио“ и за „Боеми“, „Џани Скики“, „Тоска“ и „Мадам Батерфлај“ од Пучини.

Маестро Хернандез-Силва работи и како професор, постојано е активен во педагошката сфера, каде посветено едуцира млади диригенти.бт/аа/

Фото/Филхармонија

Остани поврзан