• среда, 25 декември 2024

Венецуела започнува кривично гонење против лидерите на опозицијата кои ги оспоруваат изборните резултати

Венецуела започнува кривично гонење против лидерите на опозицијата кои ги оспоруваат изборните резултати

Каракас, 6 август 2024 (МИА) - Генералниот обвинител на Венецуела, Тарек Сааб, синоќа соопшти дека државното обвинителство започнува кривично гонење против лидерите на опозицијата, Марија Корина Мачадо и Едмундо Гонзалес, кои ги оспоруваат резултатите од изборите одржани на 28 јули.

Сааб изјави дека истрагата е за „поттикнување на полицијата и војската да не го почитуваат законот“.

Претходно вчера, опозициските лидери објавија писмо во кое ги повикуваат силите за безбедност „да застанат на страната на народот“ и да ги почитуваат резултатите од изборите, кои, според нив, тие ги добиле.

Тврдењето на претседателот Николас Мадуро дека освоил трет мандат на гласањето на 28 јули, предизвика гневни протести од Венецуелците низ целата земја во текот на минатата недела, барајќи Мадуро да се повлече и да се почитува победата на Гонзалес.

Венецуелските безбедносни сили почнаа да ги таргетираат наводните извршители на насилни злосторства за време на протестите, во операцијата неформално наречена „knock-knock“ за која застапничките групи велат дека има за цел да влее страв кај демонстрантите.

Мадуро и други функционери ја рекламираа операцијата како средство за таргетирање на оние кои стојат зад насилството на протестите, кои тие ги опишаа како „фашистички криминалци“.

„Операција чук-чук е името дадено од одредени владини портпароли, неформално, на ескалацијата на репресијата, рече Гонзало Химиоб, потпретседател на групата за правно застапување Форо Пенал. Таа се нарекува чук-чук бидејќи тоа е ударот на вратата што го добивате во раните утрински часови“, појасни тој. Форо Пенал вчера соопшти дека потврдила 1.010 апсења, а американската група Хјуман рајтс воч објави дека најмалку 20 луѓе се убиени. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан