Венгу: Албанија се стреми да биде силна алка во европскиот безбедносен синџир
- Албанскиот министер за одбрана, Пиро Венгу, во интервју за Еурактив вели дека целта на неговата земја е да биде силна алка во синџирот на европската безбедносна архитектура во услови на растечки предизвици на континентот.
Тирана, 18 февруари 2026 (МИА) - Албанскиот министер за одбрана, Пиро Венгу, во интервју за Еурактив вели дека целта на неговата земја е да биде силна алка во синџирот на европската безбедносна архитектура во услови на растечки предизвици на континентот.
- Нашиот регион не е периферија на европската безбедност, туку дел од нејзиниот нервен систем - рече Венгу истакнувајќи дека Југоисточна Европа денеска се соочува со закани што бараат координирани одговори и зголемена посветеност.
Според него, проширувањето на Европската Унија кон Југоисточна Европа е поврзано не само со исполнувањето на стандардите од страна на земјите кандидатки туку и со кохерентноста и геополитичката определба на самата ЕУ.
- Доколку Европа сака да демонстрира стратешка длабочина, мора да ги зачлени оние земји што континуирано придонесуваат за гарантирање на тоа - нагласи министерот, објави АТА
Зборувајќи за приоритетите во областа на одбраната, Венгу се фокусира на важноста од зголемување на капацитетите на вооружените сили нагласувајќи ги брзината и обемот на иновациите, производствените капацитети, логистиката и резервите.
- Албанија презема конкретни чекори за зајакнување на својата улога во регионалната и европската безбедност преку оживување на неактивните сегменти на одбранбената индустрија, зајакнување на логистичките коридори и подобрување на пристаништата и инфраструктурата за поврзување. Нашата цел е да бидеме сигурна земја членка, која придонесува за регионалната стабилност и за европскиот просперитет - нагласил Венгу.
Оценува дека стабилноста останува, пред сè, национална задача, а потоа сојузничка одговорност. вт/сд/
Фото: Венгу Фејсбук