• недела, 24 ноември 2024

Велковски бара пратениците да ги гласаат законските измени за кадарот во градинките да полага за лиценци

Велковски бара пратениците да ги гласаат законските измени за кадарот во градинките да полага за лиценци

Штип, 26 март 2024 (МИА) - Собранието одбива на дневен ред да ги стави предлог законските измени на Законот за заштита на деца, со цел воспитувачките и негователките да полагаат за лиценци и да се вработат во детските градинки, каде што има и сериозен недостаток од кадар, изјави денеска дополнителниот министер за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски.

Министерот упати апел до македонските пратеници на неколку дена пред распуштањето на Собранието да ги донесат законските измени.

-Морам денеска со жалење да истакнам дека Собранието кое што има само уште неколку дена работа до конечно распуштање, дневните редови ги направи а точката за измена на законот за заштита на децата не е ставена на дневен ред. Наместо да се грижиме за 5.000 дечиња кои што не се во детските градинки, да се грижиме да имаме негуватели, воспитувачи и стручен кадар којшто ќе може да влезе во процесот на вработување веднаш по завршување на изборите, денеска на грбот на децата некој тера политика за да децата за жал немаат детска заштита во градинките, изјави Велковски.

Посочи дека во градинките во земјава над 5.000 деца се на листите на чекање за згрижување во детска градинка, додека пак над 1.000 воспитувачки и негователки  од 2021 година до сега чекаат да добијат лиценцирање за да се пополни недостатокот од стручен кадар во градинките во градовите низ Македонија.

Министерот Велковски упати апел до пратениците да се одважат и да ја стават оваа точка на дневен ред во којашто е предвидено согласно Законот за лиценцирање да се дозволи и хартиено полагање на овој испит за добивање на лиценци.

 -Тоа е ситуацијата денеска со лиценците. За жал неколку пати направив повик до Собранието и пратениците еве и денеска нека се одважат. Уште 4-5 дена имаат работа, нека ја стават оваа точка на дневен ред, а пет минути работа е да ја изгласаат, рече Велковски.

Тој денеска заедно со градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов имаа средба со пензионерите, а како што рече Велковски, целта на посетата беше пензионерите да имаат контакт, и сите свои проблеми да ги приложат, со што ќе очекуваат соодветно решение. Министерот е дециден, дека секој пензионер мора да биде сослушан и да се најдат идни решенија на секој проблем.

-Ќе имаме можност како што најавив од почетокот на мојот мандат за технички министер буквално во секој град да ги посетиме и да се видиме токму соо пенионерите, бидејќи навистина се категоорија на граѓани кои што, за жал, веќе осум - девет месеци се во постојан протест и постојано се активни со одредени свои барања. Јас како министер, мора да ги сослушаме и да најдеме идни решенија на оваа категорија на граѓани кои се над 340 илајди жители во Македонија, вели Велковски.

Претседателот на Здружение на пензионери-Штип, Ристе Нетков  вели дека честа е голема па упати и голема благодарност на министерот кој денеска присуствуваше, со што ќе може да ги споделат своите проблеми.

-Се надеваме дека во оваа прилика нашите пензионери лично и непосредно ќе имаат контакт со министерот и градоначалникот и сите свои проблеми кои не тагираат како пензионери, можат лично да ги изнесат, да поставуваат прашање и се надеваме во доследно време истите да се решат, додаде Нетков. вдј/ев/

Фото: МИА 

Остани поврзан