• среда, 18 декември 2024

Јаневска: Повиците за протестот доаѓаат од партија која имаше можност да го подобри статусот на наставниците

Јаневска: Повиците за протестот доаѓаат од партија која имаше можност да го подобри статусот на наставниците

Скопје, 31 август 2024 (МИА) - Министерката за образование и наука Весна Јаневска во изјава за МИА вели дека повиците за утрешниот протест доаѓаат од партија која имала можност да го подобри статусот на наставниците.  

- Протестите ги организира СДСМ која до вчера беше на власт и имаше министри, заменици-министри и државни секретари, која ја оставија државата во распад, го оставија МОН со буџетска дупка од пет милијарди и која имаше можност да го поправи статусот на наставниците, но тоа не го направи, вели министерката Јаневска. 

Нагласува декакако министерка останува на ставот дека ќе се бори за подобрување на статусот на наставниците и дека во првиот момент кога ќе има можност за зголемување на платите, откако ќе се стабилизира Буџетот, тоа ќе биде направено. 

Посочува дека со ребалансот на Буџетот обезбедени се 900 милиони денари за плати за наставниците, а се прават напори во ноември или декември наставниците да добијат и регрес за годишен одмор. 

- Како Влада и како министер кој доаѓа од редот на наставниците, ќе се бориме да има контиунитет во подобрување на статусот на наставникот и нема да се откажеме од тоа да ги доведеме на вистинското место во општеството, не само во однос на платите. Постојано ќе бидеме во контакт со социјалните партнери - со синдикатите кои ќе работат независно, а не поттикнати од политички партии. Ќе разговараме и ќе бараме начини како да го подобриме статусот на наставникот, вели Јаневска.

За утре пред Министерството за образование и наука е најавен протест организиран од страна на СДСМ под слоганот „Немате оправдувања, покачете ги платите“. Пратеничката Даниела Николова денеска на прес-конференција рече дека тоа ќе биде  собир на којшто ќе биде искажан револтот од погрешните политики во образованието од страна на Владата на ВМРО-ДПМНЕ.

Од протестот се оградија од Самостојниот синдикат за образование и наука (СОНК). Претседателот на синдикатот Јаким Неделков вели дека нивните членови нема да учествуваат на партиски организирани протести. бак/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан