• недела, 24 ноември 2024

Бугарија ги опремува бродовите во Црното Море со проектили

Бугарија ги опремува бродовите во Црното Море со проектили

Брисел, 8 септември 2023 (МИА) - Бугарија започна да ги опремува бродовите на своите поморски сили со проектили, со цел „никој да не се осмели да се приближи до црноморските градови“ во земјата, најави на Фејсбук бугарскиот премиер Николај Денков. 

Одговарајќи на прашања на граѓаните на својот профил на Фејсбук, Денков нагласи дека државата мора да ги развие своите поморски сили за да бидат доволно подготвени да ја бранат земјата. 

- Во моментов не гледаме директна закана за бугарските пристаништа, но на сила се одговара со сила. Затоа почнавме да купуваме ракети за никој да не се осмели да се приближи до нашите црноморски градови, наведе бугарскиот премиер Денков. 

Како што јави „Еурактив“, Денков посочи дека Русија „се обидува да го направи Црното Море руско езеро“. 

- Единствениот начин да се спротивставиме е да одговориме на сила со сила. Пред многу, многу години, Русија ја гранатираше Варна. Не треба да дозволиме тоа да се повтори, додаде бугарскиот премиер. 

Денков алудираше на артилерискиот напад на руската поморска флота врз Варна за врема на Првата светска војна, кога на 14 октомври 1915 година руските сили го гранатирале градот додека на улиците биле излезени голем број граѓани за да го чествуваат христијанските празник Петковден. При нападот загинале девет лица, а 38 биле повредени. 

- Руските политичари постојано велат дека по Украина, ќе следат балтичките републики и Молдавија. Крајно време е бугарските граѓани да ги отворат очите дека постои агресор кој сака да го врати царското влијание, додаде Денков. 

Бугарската Воена морнарица поседува три фрегати, еден патролен брод, три корвети и поголем број деминери. Предвидено е во текот на 2025 и 2026 година, бугарската Морнарица да се засили со уште два патролни брода, чија изградба е во тек бугарското бродоградилиште „Делфин“. Софија најави дека планира да набави и две користени подморници од некои од земјите членки на НАТО, но засега нема детали за ваквиот план. сп/

Остани поврзан