• среда, 18 декември 2024

Бројни манифестации и културни настани за Патрониот празник на Општина Охрид

Бројни манифестации и културни настани за Патрониот празник на Општина Охрид

Охрид, 3 ноември 2024 (МИА) – Бројни културни збиднувања и манифестации ќе ја одбележат годинешната прослава на 8 Декември - Денот на Светиот Климент Охридски и Патрон на градот.

Програмата започнува утре со промоцијата на книгата за деца и млади „Охридска археолошка азбука“ на авторите Антонио Јакимовски, Елизабета Томевска – Илиевска, Маја Јаневска и Иван Малезанов, во Големата сала на Општина Охрид со почеток во 12 часот.

На 5 декември во истиот термин ќе се одржи промоција на книгата „Црковните библиотека во Охрид и охридско“ од Мариче Боздоганова во „Прличевата одаја“, додека од 19 часот традиционалниот Осмодекемвриски концерт ќе одржат учениците од Општинското музичко училиште „Методи Патче“ во концертната сала на училиштето.

За в петок од 12 часот е закажана промоција на книгата „Охридски драмски писатели“ (Едиција Охридско книжевно наследство) од Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски во Големата сала на Општина Охрид. Истовремено во Куќата на Робевци ќе биде отворена изложбата на пафти, токи, колани – украси за појас од етнолошката ризница на НУ „Завод и музеј-Охрид“.

Во 18:30 часот во Изложбениот салон при НУЦК „Григор Прличев“ е отворањето на поставката ликовни творби на учениците на ООУ „Свети Климент Охридски“, додека на Големата сцена при Центарот ќе се одржи свечена приредба на ООУ „Св. Климент Охридски“ со почеток во 19 часот.

За в сабота - 7 декември, од 18 часот е предвидено отворањето на традиционалната изложба на охридскиот „Фото клуб“ во НУ Центар за култура „Григор Прличев”, додека во Галеријата при Центарот од 18:30 часот ќе биде отворена изложбата на уметнички дела од Вангел Наумоски содржани во збирката „Вангел Наумовски“ во сопственост на ЈЗУ Специјализирана болница за отропедија и трауматологија „Свети Еразмо Охридски“.

Свечената академија по повод 8 Декември - Денот на Свети Климент Охридски – Патрон на Охрид ќе се одржи во НУ Центар за култура „Григор Прличев“ со почеток во 19:30 часот.

Програмата продолжува и во недела - 8 декември, за кога е предвидено поклонување пред моштите на Свети Климент Охридски во манастирот „Свети Климент и Пантелејмон” на Плаошник, во 10 часот, а еден час подоцна полагање цвеќе пред споменикот на светецот во училишниот двор на ООУ „Свети Климент Охридски“. Цвеќе ќе се положува и пред паметникот на Климента напладне на Плоштадот „Свети Климент Охридски“, по што ќе бидат врачени и општинските награди на најдобрите поетски творби од Конкурсот распишан по повод Патрониот празник.

Свеченостите ќе бидат заокружени со коцертот на Фолклорните ансамбли на СОФАМ од 13 часот, како и со изложбата на среброрез „33 ХРИСТОС- Живот за спас на човештвото“ од Боро Митрески Минта. аб/лв/

фото/МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан