• среда, 18 декември 2024

Бријаторе се враќа во Формула 1

Бријаторе се враќа во Формула 1

Енстон, 21 јуни 2024 (МИА) - Поранешниот шеф на Рено, Флавио Бријаторе, ќе ја преземе советничката улога во Алпин и ќе се врати во Формула 1 по 14 години.

Бријаторе е надвор од Формула 1 откако поднесе оставка како шеф на Рено поради неговата вмешаност во скандалот за Големата награда на Сингапур во 2008 година, кој беше откриен две години по трката.

Неколку недели се шпекулираше за враќање на Бријаторе, бидејќи Алпин размислуваше за неговата улога, а утрово беше потврдено дека тој ќе има официјална позиција.

„Алпин може да потврди дека Флавио Бријаторе е назначен од извршниот директор на Групацијата Рено, Лука де Мео, за негов извршен советник за Формула 1. Бријаторе првенствено ќе се фокусира на највисоките нивоа на тимот, вклучувајќи извидување таленти и проценка на пазарот на возачи, промени во постоечкиот проект и проценка на сегашната структура и советување за стратешки прашања во спортот“, се вели во кратката изјава на Алпин.

Бријаторе ги предводеше тимовите на Бенетон и Рено до најголемите успеси во Формула 1, бидејќи под негово водство Михаел Шумахер беше незапирлив во 1994 и 1995 година, а потоа и Фернандо Алонсо во 2005 и 2006 година. Сепак, неговиот мандат во францускиот тим заврши со еден од најголемите контроверзи во историјата на Формула 1. Првично беше казнет доживотно од ФИА поради неговата вмешаност во скандалот „Крашгејт“.

Помалку од една година по трката во Сингапур во 2008 година, Бријаторе беше обвинет дека му наредил на Нелсон Пике Јуниор да удри во ѕидот и да предизвика безбедносното возило да излезе на патеката за да му помогне на неговиот тимски колега Фернандо Алонсо да победи. Тоа стана познато дури откако на Пике му беше врачен отказ, а тој ги откри сите детали за скандалот што ја потресе Формула 1. И иако Бриаторе доби доживотна суспензија, неговата жалба пред францускиот Висок суд беше прифатена, откако беше утврдено дека таму имаше одредени несовпаѓања во казните кои беа изречени и на Бријаторе и на Пет Симондс, кој првично беше казнет со петгодишна суспензија.

И покрај скандалот, Бријаторе не ја напушти целосно Формула 1 - тој сè уште е еден од менаџерите на Алонсо, а исто така има одредена улога во организацијата на Големата награда на Азербејџан.

Она што е интересно е фактот дека ангажирањето на искусен Италијанец доаѓа во време кога Алпин ја разгледува можноста да ја напушти Формула 1 како производител на мотори. Наводно, францускиот тим сака да стапи во партнерство со некој од останатите конструктори од 2026 година, кога започнува новата ера на Формула 1, а се чини дека прв пик за ова е Мерцедес. дс

Фото: Архива

Остани поврзан