• сабота, 23 ноември 2024

Британската Кралска круна со 2.686 дијаманти - симбол на моќта и богатството

Британската Кралска круна со 2.686 дијаманти - симбол на моќта и богатството

Лондон, 15 септември 2022 (МИА) - Британската Кралска државна круна на ковчегот на кралицата Елизабета Втора е моќен симбол на кралското богатство, величественост и суверенитет.

Инсигнијата положена на виолетово перниче, е украсена со 2.686 дијаманти, 269 бисери, 17 сафири и 11 смарагди кои блескаат додека ковчегот патува од Бакингемската палата до Големата сала во Вестминстерската опатија, каде што лежи на покренат столб. Ковчегот е придружуван од војници во црвени свечени униформи. Круната е нарачана за крунисувањето на таткото на Елизабета, кралот Џорџ Шести во 1937 година, а таа ја носеше и на сопственото крунисување во 1953, кога и беше овековечена во познатиот портрет. Има и друга кралска круна, позната како Свети Едвард, направена 1661 година од чисто злато, за крунисувањето на кралот Чарлс Втори. За неа е занимливо тоа што се користи исклучиво во свеченоста на крунисувањето, бидејќи е премногу тешка за носење - тежи два килограми, двојно повеќе од Кралската државна круна. Но, и за поновата круна, кралицата се шегуваше дека е толку тешка што, ако погледнете надолу, „може да ви го скине вратот“. - За среќа, јас и татко ми имавме така обликувана глава што кога еднаш ќе ја наместите, таа не се поместува, изјави Елизабета Втора во една прилика. Со оглед на тежината, всушност, таа престана да ја носи круната кога наполни 90 години. Наместо тоа, оттогаш инсигнијата симболично, но свечено стоеше на виолетова перница. Круната се носи и за време на годишната церемонија по повод почетокот на работата на Парламентот, а се чува со друг скапоцен накит во познатата Kула на Лондон. Главниот дијамант на предната страна се нарекува „Кулинан II". Исечен е од најголемиот дијамант што некогаш бил пронајден во Јужна Африка - во 1905 година. Пронајден е во Премиер рудникот во Кулинан, Јужна Африка. Необработен, дијамантот имал вредност од 3.106 карати (621 грам), но е искршен на девет големи брусени дијаманти и повеќе помали. Најголемиот брусен дијамант се нарекува Големата ѕвезда на Африка (или „Кулинан I") и има 530 карати (106 грама). Овој се наоѓа на врвот на британскиот кралски жезол.  си/сд/

Остани поврзан