• среда, 25 декември 2024

Богданоски: Синдикалните договори и постојаното барање работнички права се клучни за достоинствена работа и продуктивност

Богданоски: Синдикалните договори и постојаното барање работнички права се клучни за достоинствена работа и продуктивност

Прилеп, 1 мај 2024 (МИА) - Инсистирање на колективни договори, постојана синдикална битка и формирање синдикални организации во сите работни средини може да ги придвижат работите и да се стигне до остварување на работничките права, вели Роберт Богданоски, долгогодишен синдикален лидер за правата на работниците во поранешната наменска фабрика „Еурокомпозит“ од Прилеп. Повеќе од 20 години Богданоски со работниците организираа протести, штрајкови, блокади, разговори и преговори со владите за да ги издејствуваат правата на работниците. За жал, сега фабриката ја нема, но Богданоски смета дека се заложиле за правата на поранешните вработени.

-Искуството во овие повеќе од две децении покажа дека синдикалната организација ги штитеше вработените. Имавме многу добар колективен договор по кој ние се придржувавме  и секогаш кога ќе се најдевме во „небрана“ ситуација, тој договор ни помагаше. Некогаш раководството знаеше да го прекрши, но ние се придржувавме кон него, вели Богданоски.

Ги охрабрува сите млади луѓе кои се вработени во нашите приватни компании да се одлучат да организираат синдикална организација, зашто тоа може многу да им помогне. И во заштитата при работата, и во нивните права за повисоки плати.

-На сите компании им пречи синдикалното организирање. Нашите, прилепски компании кажуваат дека ги зголемуваат платите, дека вработените ги имаат сите бенефиции. Тогаш не знам зошто не се охрабрат и не им дозволат на вработените синдикално да се организираат. Тоа не е ништо страшно. Доколку работодавците се придржуваат до тој колективен договор, ќе биде успешно и за вработените, и за компанијата, смета Богданоски.

Тој испрати порака вработените да протестираат и да го искажат својот револт, работодавците да видат дека има многу работници, да склучуваат колективни договори, да воспостават синдикални организации, зашто само така може да се успее, за да се зголемат платата и работничките права.

-Работниците се организираат, но, за жал, во ова 20-годишно искуство, ниедна од владите немаа слух за да ги слушнат работниците и нивните права. Битката за работничките права ќе постои секогаш, а колку ќе се успее, најмногу зависи од работниците. Доколку сфатат дека синдикалната е организација која навистина може да им помогне, битката ќе ја добиеме, изјави Богданоски. ем/дма/

Фото: МИА

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан