• среда, 18 декември 2024

БиХ категорично ги отфрла обвинувања за наводна обука на молдавски државјани

БиХ категорично ги отфрла обвинувања за наводна обука на молдавски државјани

Сараево, 18 октомври 2024 (МИА) - Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина најостро ги демантира и отфрла неоснованите медиумски наводи кои се однесуваат на наводна обука на молдавски државјани во БиХ.

„Станува збор за неточни и целосно непоткрепени тврдења кои немаат апсолутно никаква врска со Босна и Херцеговина“, соопштија од Министерството.

До Министерството за безбедност на БиХ не пристигнале никакви официјални барања од молдавските власти, ниту се доставени какви било докази кои би ги потврдиле наведените тврдења. Спомнувањето на Босна и Херцеговина во овој контекст е очигледно обид за манипулација во екот на вжештената политичка кампања во Молдавија, која на 20 октомври избира претседател на Републиката, се наведува во реакцијата.

„Посебно потенцираме дека Босна и Херцеговина намерно се става во овој контекст, бидејќи е држава која не воведе санкции кон Руската Федерација. Поради тоа, погодна е за одредени центри за пласирање вакви конструкции на нејзина сметка. Ставот на Министерството за безбедност и безбедносните агенции на Босна и Херцеговина е јасен – ние имаме неутрална политика и апелираме да се постигне што побрзо мир во Украина и крај на војната која предолго трае“, се посочува во соопштението и се додава дека Министерството за безбедност не би толерирало и нема да толерира појави на какви било кампови за обука, без разлика на чиј интерес би работеле.

Самата фактичка состојба дека ваквите медиумски наводи се последица на политички интереси и кампања, а не на постоење на какви било кредибилни информации за вмешаност на Босна и Херцеговина во нарушување на стабилноста на Молдавија, потврдува дека станува збор за обид за дестабилизација на меѓународните односи, се тврди во соопштението.

Министерството ги повикува сите медиуми и надлежни органи на одговорно известување и верификација на информациите пред објавување, со цел да се избегне ширење на дезинформации кои можат да имаат негативни последици врз меѓународните односи. ссм/

фото: архива

Остани поврзан