• недела, 24 ноември 2024

Битиќи: Се обидуваме да креираме развојни програми кои ќе дадат еднакви можности за сите

Битиќи: Се обидуваме да креираме развојни програми кои ќе дадат еднакви можности за сите
Скопје, 1 април 2021 (МИА) – Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи смета дека фокусот кон стручното образование е една од клучните алатки за поголема вработливост на младите кои како категориј и не треба да се помалку платени, туку заслужуваат да бидат исто платени како секој на исто работно место без разлика дали е постар, дали е жена или маж. - Се обидуваме да креираме развојни програми кои ќе дадат еднакви можности за сите. Се залагаме за родова еднаквост, но не од аспект на застапеност, туку од аспект на третирање, што подразбира дека исто работно место треба да биде исто платено без разлика дали станува збор за маж или жена. Како функционери на извршната власт треба тоа да го третираме и да го адресираме и да се бориме против таквите негативни појави, рече вицепремиерот Битиќи во одговор на прашање пред почетокот на панел дискусијата „Пристап и креативни стратегии во креирањето на програми за вработување на младите“. Целта во Оперативната програма за вработување, додаде тој, е да бидат опфатени минимум 30 отсто од младите, но и во сите програми треба да се гледа како младите да бидат повработливи и да се направи систем кој ќе креира можности младите сами по себе да бидат повработливи. - Со сите програми оваа година без разлика што е тешка и постковид, за која се уште не сме сигурни дали ќе биде последна година од која ќе се излезе од пандемијата, гледаме како да креираме развојни програми кои навистина ќе дадат можности. Во претходните години кога ги креиравме мерките од Оперативниот план некогаш заборававме специфично да таргетираме одредени категории на нашите сограѓани. Оваа година првпат и во Оперативниот план, но и во сите други програми воведовме неколку принципи како што е принципот за диверзитет и инклузивност, рече Битиќи. Станува збор, за како што рече, еден од клучните принципи кога се градат политики и програми преку кој се прецизира како оној кој е најранлив може полесно да се интегрира во политиките и програмите на Владата. - Токму овој принцип е основата како ние во наредниот период ќе ги таргетираме тие кои биле најранливи заради Ковид или биле ранливи заради начинот на кој се спроведувале програмите, прецизира Битиќи. вј/сп/

Остани поврзан