• вторник, 24 декември 2024

Битиќи: Нема да се кандидирам за претседател на СДСМ, со цел да ја спречам понатамошната фрагментација на членството

Битиќи: Нема да се кандидирам за претседател на СДСМ, со цел да ја спречам понатамошната фрагментација на членството

Скопје, 6 јуни 2024 (МИА) - Фатмир Битиќи, пратеник и член на СДСМ објави на Фејсбук дека нема да се кандидира за претседател на СДСМ, со цел, како што вели, да ја спречи „понатамошната фрагментација и поларизација меѓу членството“.

-Сега, во овој изборен период нема да се кандидирам за претседател на СДСМ, а тоа го правам за да ја спречам понатамошната фрагментација и поларизација меѓу нашето членство. Но мојата политичка мисија се протега надвор од партиските функции и поделбите, таа ја нагласува соработката, дијалогот и меѓусебното разбирање, што единствено може да се постигне ПОИНАКУ, со враќање на социјалдемократските вредности. Тоа е сосема ПОИНАКУ од досегашните политички навики на однесување кон државата, па и кон партијата. Очекувам и верувам дека идеологијата и вредностите ќе ја направат разликата и промената првин во СДСМ, а потоа и во државата, истакнува Битиќи.

Во објавата на Фејсбук насловена „Може и поинаку“, Битиќи посочува дека тоа што во последните три години ја извршувал функцијата потпретседател на СДСМ не го фаворизира, ниту го прави посоодветен од кој било член и членка на партијата за функцијата претседател.

Во однос на сопартијците кои ги поднесоа своите кандидатури, Битиќи смета дека секој што ги споделува социјалдемократските вредности и е со желба за „вредносно возобновување на партијата во периодот што следи“ заслужува да ја добие неговата и поддршката на сите членови, но има забелешки за актуелните процеси во СДСМ, во контекст на заземањето страни од страна на дел од членството и давањето поддршка за своите фаворити.

Кандидатури за претседател на СДСМ поднесоа поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче, поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска, актуелниот директор на ТИРЗ Јован Деспотовски, како и Александар Бајдевски. 

За кандидат за претседател на СДСМ може да се кандидира лице со најмалку пет години членство во СДСМ кој најмалку еднаш бил избран од страна на Конгресот на СДСМ за член на некој од органите на партијата. 

Внатрепартиските избори се закажани на 30 јуни, а следуваат по оставката на лидерот Димитар Ковачевски кој по поразот на парламентарните избори поднесе оставка заедно со раководството на партијата. СДСМ во недела, на 9 овој месец, ќе одржи и отчетен Конгрес на кој ќе се анализираат причините за изборниот резултат. дма/лв/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан