• среда, 13 ноември 2024

Белгија бара ЕУ во целост да забрани извоз на оружје за Израел

Белгија бара ЕУ во целост да забрани извоз на оружје за Израел

Брисел, 8 мај 2024 (МИА) - Белгиската министерка за развој Каролин Женез побара од Европската Унија да воведе целосно ембарго за извоз на оружје во Израел.

- Европа е еден од најголемите хуманитарни донатори на Палестина и Газа, но најдобар начин да се подобри хуманитарната ситуација е веднаш да се запре насилството. Нема смисла да трошиме милиони за хуманитарна помош додека некои земји-членки продолжуваат да испорачуваат оружје кон Израел. Тоа мора да запре, изјави министерката во Советот на ЕУ.

Неусогласеноста во ЕУ, додаде таа, ја спречува Унијата да има ефикасна улога во решавањето на конфликтите.

- Илјадници луѓе се на работ на глад во северниот дел на Газа. На југ започна напад на Рафа, кој се заканува да се претвори во крвопролевање. Во меѓувреме, Европа гледа, посочи Женез.

Таа, исто така, рече дека „најмалку што ЕУ може да направи“ е да работи на целосно обновување на финансирањето на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (UNRWA). Сè уште се ставени на чекање околу 32 милиони долари поради наводите дека некои членови на УНРВА учествувале во нападот на 7 октомври врз јужен Израел.  Женез вели дека нема докази за тоа.

Таа го критикуваше и доцнењето на исплатата на европската помош за развој на палестинските територии. ссм/

фото: ЕПА

Остани поврзан