• понеделник, 18 ноември 2024

Белгиското претседателство со ЕУ подготвува закон за откривање и отстранување на онлајн материјали со сексуална злоупотреба на деца

Белгиското претседателство со ЕУ подготвува закон за откривање и отстранување на онлајн материјали со сексуална злоупотреба на деца

Брисел, 29 март 2024 (МИА) - Белгија, во својство на актуелен претседавач со ЕУ, подготви извештај со клучните детали за проценка на ризиците поврзани со сексуалната злоупотреба на деца, кој би требало да претставува основа за изработка на Предлог-закон за откривање и отстранување на онлајн материјали со вакви содржини. 

Документот е веќе доставен до Работната група за спроведување на законот при Советот на ЕУ, во чија надлежност се законодавството и оперативните прашања поврзани со прекуграничната полициска соработка. 

Во извештајот се наведени идеите на белгиското претседателство за изработката на законскиот текст, во кој фокус се става на Координативното тело за соработка меѓу земјите членки, категоризацијата на ризиците и издавањето наредби за откривање и отстранување на онлајн материјалите со сексуална злоупотреба на деца. 

Координативното тело би било задолжено за проценување на ризиците, спроведување мерки за нивно ублажување и за координирање на напорите за откривање, известување и отстранување на содржините со сексуална злоупотреба на деца. 

Документот исто така содржи и детали за можните критериуми и методологии за категоризација при практичната примена на ова законодавството, во кое сепак, според белгиското претседателство, ништо не треба да е во спротивност со основните човекови права. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан