• среда, 25 декември 2024

Безбедносна ситуација во државата е стабилна, не постојат индиции за нарушување, вели премиерот

Безбедносна ситуација во државата е стабилна, не постојат индиции за нарушување, вели премиерот

Скопје, 22 ноември 2023 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски денеска потенцираше дека безбедносната ситуација во нашата држава е стабилна и не постојат никакви индиции за какво било нарушување на истата. 

-Ние сме три години земја членка на НАТО, од кои што јас речиси две години сум претседател на Владата. Нивото на информации кое што безбедносните служби на нашата држава ги имаат, а истите се дел од безбедносните служби на НАТО и информациите ги споделуваат со партнерските безбедносни служби од земјите членки на НАТО - тука спаѓаат најразвиените држави во светот со најразвиени безбедносни механизми, во однос на поединци, групи и организации кои сакаат да го нарушат нивото на безбедноста во која било земја членка на НАТО од регинот, вклучително и нашата, е на ниво кое што е незамисливо за оние кои не се во детали вклучени во вакви прашања, рече Ковачевски на прес-конференција по неформалниот состанок на лидери на НАТО сојузници од регинот, во одговор на новинарско прашање.

Како што потенцираше, се работи за информации кои што се исклучително детални, навремени и систематични. Според премиерот, системот на превенција, системот на заедничко работење со централата на НАТО во Брисел преку нашата претставничка мисија функционира на беспрекорно ниво.

-Системот на превенција, системот на заедничко работење со централата на НАТО во Брисел преку нашата претставничка мисија, но и директната соработка со земјите членки на НАТО функционира на беспрекорно ниво и затоа нашите граѓани треба да бидат среќни и горди дека живеат во земја членка на НАТО која што има исклучително ниво на безбедност, споредено со која било друга земја која не е членка на најголемиот воено и безбедносен сојуз во светот, рече Ковачевски. бт/нд/

Остани поврзан