Бајден ќе ја именува Џен Псаки за портпарол на Белата куќа
- Новоизбраниот американски претседател Џозеф Бајден планира да ја назначи Џен Псаки за портпарол на Белата куќа во неговата нова администрација, се наведува во соопштението објавено на официја
![Бајден ќе ја именува Џен Псаки за портпарол на Белата куќа](https://new.mia.mk/index.php/images/20221105120555_big_730x400_25.webp )
Вашингтон, 30 ноември 2020 (МИА) - Новоизбраниот американски претседател Џозеф Бајден планира да ја назначи Џен Псаки за портпарол на Белата куќа во неговата нова администрација, се наведува во соопштението објавено на официјалната веб-страница на демократот.
Псаки беше официјален претставник на Белата куќа и Стејт департментот во администрацијата на 44-от претседател на САД, Барак Обама. Таа сега е советник во преодниот тим на Бајден.
Бајден најави дека ќе ја назначи Кејт Бедингфилд за директор за комуникации во Белата куќа. Таа беше заменик-директор на кампањата на демократот, но, исто така, и директор за комуникации во главниот штаб. Шефот за комуникации во Белата куќа ја контролира целата политика на јавна комуникација на американската администрација.
- Горд сум што објавувам дека првпат клучниот тим за односи со медиумите во Белата куќа ќе се состои единствено од жени, истакна новоизбраниот претседател.
Карин Жан-Пјер ќе биде првиот заменик-портпарол на Белата куќа. Идната потпретседателка на САД Камала Харис официјално ќе биде претставувана од Симон Сандерс и Ешли Етјен. Претходно, Сандерс и Жан-Пјер беа високи советници во кампањата на Бајден. Првата дама на САД, Џил Бајден ќе ги контролира односите со новинарите заедно со Елизабет Александар. гт/