• недела, 24 ноември 2024

Бајден се сомнева во успехот на импичментот на Трамп

Бајден се сомнева во успехот на импичментот на Трамп

Вашингтон, 26 јануари 2021 (МИА) - Американскиот претседател Џо Бајден се сомнева во успехот на импичментот на неговиот претходник Доналд Трамп.

Во интервју за телевизијата Си-Ен-Ен, Бајден истакна дека го поддржува импичментот против Трамп, но верува дека нема да добие доволно гласови во Сенатот. За постапката да биде успешна, најмалку две третини од сенаторите мора да гласаат против поранешниот претседател. Тоа значи дека импичментот мора да биде поддржан од 17 републикански сенатори. Бајден смета дека таквиот исход е малку веројатен.

Резолуцијата за импичмент веќе беше одобрена од Претставничкиот дом на 13 јануари. Таа беше доставена до Сенатот во понеделникот вечерта. Постапката ќе започне по 8 февруари. Трамп е првиот претседател во историјата на Соединетите Американски Држави на кој двапати му беше изречен импичмент. Овојпат тој е обвинет за поттикнување немири. На 6 јануари илјадници негови приврзаници упаднаа во Конгресот за да спречат законодавците да ги утврдат изборните резултати. Како резултат на тоа, неколку лица починаа, а многумина беа повредени. Доколку процесот на импичмент е успешен, тогаш Трамп ќе ја изгуби можноста да извршува јавни функции, вклучително и повторното кандидирање за претседател на САД. паг/

Остани поврзан