• среда, 13 ноември 2024

Бајден и Си ја спуштија топката

Бајден и Си ја спуштија топката
16 ноември 2022 (Азија тајмс) Двајца лидери го деескалираат ривалството меѓу суперсилите со договорот да почнат разговори на високо ниво за широк спектар спорни прашања Со оглед на тоа што рускиот претседател Владимир Путин остана дома, тет-а-тет средбата меѓу американскиот претседател Џо Бајден и кинескиот врховен лидер Си Џинпинг беше главниот настан на Самитот Г20 на Бали, каде што првично изгледаше дека тешко ќе произлезе заедничко коминике. Барем привидно, се чини дека двајцата лидери постигнаа резултати над очекувањата, согласувајќи се да формираат заеднички работни групи за решавање низа спорни прашања – од Тајван и човековите права до трговијата и трансферот на технологија. Бајден навести дека разговорите ќе се одржуваат на највисоко ниво. „Се согласивме дека ќе имаме соодветни членови на кабинетот да седнат и да се состанат еден со друг за да разговараат за деталите за секое прашање што беше отворено – a отворивме многу прашања“, рече тој. Без да навлегува во детали, Бајден конкретно ја спомна Северна Кореја, велејќи дека тим од високи безбедносни советници и Пентагон ќе бидат ангажирани со нивните кинески колеги околу тоа што да се направи за намалување на тензиите на поделениот полуостров. Американскиот претседател откри дека ќе го испрати државниот секретар Ентони Блинкен во Пекинг во наредните недели за да го започне процесот за одржување отворени врски на комуникација и идентификување на она што тој претходно го нарече „црвени линии“, особено за Тајван. „Жестоко ќе се натпреваруваме, но не бараме конфликти. Сакаме да го водиме овој натпревар одговорно“, им рече тој на новинарите по тричасовниот состанок со Си. Поттикнат од изненадувачкиот резултат на Демократската партија на среднорочните избори, Бајден рече дека „доаѓа посилен“ како претседател на средбата со Си, која од портпаролот на кинескиот лидер беше оценета како „длабока, искрена и конструктивна“. „Покривме многу прашања и тој беше искрен со мене како и во минатото“, им рече претседателот на новинарите, додавајќи „сакам да бидам јасен дека го мислам она што го кажувам и го кажувам она што мислам“. Бајден отфрли секаква можност за нова студена војна и рече дека не верува дека постои непосредна закана од страна на Кина да го нападне Тајван, и покрај зачестените вежби на Ослободителната народна армија (ПЛА) околу островот по контроверзната посета на претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси во август годинава. „Нашата политика „Една Кина“ не е променета“, додаде тој. „Ние се спротивставуваме на секоја еднострана промена на статусот од која било страна и посветени сме на одржување на мирот и стабилноста во Тајванскиот Теснец. Убеден сум дека тој (Си) го разбра точно она што го зборував, и јас го разбрав тоа што тој го кажа“. Во врска со Северна Кореја, Бајден рече дека не е сигурен оти Кина може да го контролира непредвидливиот диктатор Ким Џонг Ил, но посочи дека му кажал на Си оти смета дека Кинезите имаат обврска да се обидат да го убедат Пјонгјанг да се воздржи од нуклеарни и ракетни тестови со долг дострел. „Уверен сум дека Кина не бара Северна Кореја да влезе во понатамошна ескалација“, рече Бајден, предупредувајќи дека натамошните провокативни дејства на Пјонгјанг ризикуваат САД да преземат повеќе одбранбени акции кои нема да бидат насочени против Кина, но ќе испратат јасна порака до Северна Кореја. Американските официјални претставници потврдија дека имало тивка дипломатија зад сцената во текот на изминатите два месеца, со цел да се поправат врските меѓу двете суперсили. „Овие состаноци не се одвиваат изолирано, тие се дел од многу одржлив процес“, изјави извор од администрацијата на претседателот на САД. Бајден и Си имаа пет телефонски или видеоповици откако Бајден стана претседател на почетокот на 2021 година. Тие последен пат се сретнаа лично кога Бајден беше потпретседател во 2015 година, но неговите напори да изгради личен однос со кинескиот лидер започнаа четири години порано за време на посетата на Пекинг. Оттогаш, односите значително се влошија до можеби најниската точка, за што придонесоа и зголемените тензии околу Тајван и Јужното Кинеско Море и, од неодамна, ембаргото од САД за напредни полупроводници што се опишува како прашање на националната безбедност. Голдман Сакс прогнозира дека ембаргото ќе го намали економскиот раст на Кина за четвртина процентен поен во 2023 година, во време кога таа веќе се справува со последиците од политиката на Си за „нулта-ковид“, за која тој се држи уште од самиот почеток. Администрацијата на Бајден сè уште размислува дали да укине некои тарифи од ерата на Трамп за кинеските производи за широка потрошувачка додека се проценува дали потегот за справување со инфлацијата ќе има ефект и на намалување на економскиот притисок врз Кина. Си и Путин се зближија во текот на изминатите неколку години поради нивната заедничка недоверба кон Западот, но на Си му беше непријатно од нуклеарната реторика на рускиот претседател и економските последици од продолжениот конфликт во Украина. Бајден во разговорите со Си за руската агресијата, која најверојатно ќе го засени дводневниот самит на Г-20, кажа „го потврдивме нашето верување дека употребата и заканата од нуклеарно оружје се целосно неприфатливи“. Запрашан за повторното заземање на јужниот град Херсон од страна на Украина во пресрет на самитот, претседателот го опиша како „значајна победа и не можам да направам ништо освен да ја поздравам истрајноста на украинскиот народ и војската. Беше неверојатно.“ Отсуството на Путин долго се предвидуваше, но со руската делегација предводена од министерот за надворешни работи Сергеј Лавров во просторијата, геополитичките последици од војната во Украина се закануваат да ги нарушат напорите на самитот за справување со растечката глобална криза со храна и енергија. Лавров го напушти состанокот на министрите за надворешни работи на Г20 во јули, откако неговите западни колеги ја обвинија руската инвазија за нарушување на снабдувањето со пченица и друго жито во светот. „Западните лидери не треба да ја користат Г20 како можност да ја осудат Русија, туку мора да се обидат да најдат заеднички јазик околу чекорите за смирување на војната“, рече директорот на Меѓународната кризна група на ОН, Ричард Говен. „Ако сите западни сили сакаат на Бали да ја омаловажат Русија“, рече тој, „тие ќе откријат дека многу нивни незападни колеги нема да се согласат“ – повикувајќи се на земји како Кина, Индија и Јужна Африка кои одбија да воведат санкции против Москва и се воздржаа од гласањата во ОН за војната. Аналитичарите велат дека најконструктивното нешто што може да го направат лидерите е да извршат притисок за продолжување на Црноморската иницијатива за жито со посредство на ОН на 19 ноември. Досега повеќе од 500 товарни бродови го користеле виталниот хуманитарен коридор. / Фото: ЕПА

Тагови

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан