• среда, 25 декември 2024

Бајден и Нетанјаху телефонски разговараа за примирјето во Газа и договорот за заложниците

Бајден и Нетанјаху телефонски разговараа за примирјето во Газа и договорот за заложниците

Вашингтон, 22 август 2024 (МИА) - Претседателот на САД Џо Бајден разговараше телефонски со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за начините за постигнување напредок во врска со потенцијално примирје во Газа и договорот за заложниците, соопшти Белата куќа.

Разговорот следеше по патувањето на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на Блискиот Исток, кое заврши во вторникот без постигнување договор меѓу Израел и групата Хамас за примирје во палестинската енклава. Блинкен и посредниците од Египет и Катар се надеваа дека со американско посредување ќе се намалат разликите меѓу двете страни во 10-месечната војна во Газа.

„Претседателот Бајден разговараше со израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, за да го разгледаат договорот за примирје и ослободување на заложниците, како и дипломатските напори за намалување на регионалните тензии“, се наведува во изјавата на Белата куќа.

На разговорот се приклучи и потпретседателката Камала Харис, која утре официјално ќе ја прифати номинацијата на Демократската партија за кандидат-претседател на изборите на 5 ноември.

Бајден се наоѓа на семеен одмор во долината Санта Инез во Калифорнија.

Во преговорите за запирање на судирите во 10-месечната војна, Хамас бара целосно повлекување на Израел од Газа, вклучително и од т.н. Филаделфиски коридор — тесен 14,5-километарски дел на јужната граница на крајбрежната енклава со Египет.

Израел сака да ја задржи контролата врз коридорот, кој го зазеде кон крајот на мај, откако уништи десетици тунели под него, за кои тврди дека биле користени за шверцување оружје за вооружените групи во Газа. ссм/

фото: архива

Остани поврзан