• вторник, 24 декември 2024

Балканот и ЕУ - веридба која долго трае

Балканот и ЕУ - веридба која долго трае

16 март 2024

АФП/БETA  

Речиси сигурното отворање на пристапните преговори со Европската унија (ЕУ) предизвика бран на ентузијазам во Босна и Херцеговина, но веќе 30 години ЕУ на Балканот дувала со топол, но и со студен ветер, што доведе до замор и го охрабри влијанието во тоа подрачје, оцени денеска агенцијата Франс прес.

„Ја отворивме главната врата за ЕУ ​​и нема враќање назад“, изјави оваа недела премиерот на Федерацијата на Босна и Херцеговина, Нермин Никшиќ, откако Европската комисија официјално препорача почеток на пристапните преговори со Босна и Херцеговина. 

Извршната директорка на Европскиот фонд за Балканот, Александра Томаниќ, рече дека преговорите се состојат од тоа ЕУ да каже што треба да се направи и кои закони да се донесат.

Според неа, има цела низа политички, институционални и економски критериуми. „Предизвиците се повеќекратни, поради што патот ќе биде многу долг“, додаде таа.

Тоа добро го знаат Црна Гора, која официјално ги започна преговорите во 2012 година, и Србија од 2014 година.

Албанија, убедливо најмногу наклонета кон ЕУ во регионот, чекаше 13 години меѓу нејзиниот кандидатски статус и отворањето на преговорите во јули 2022 година. Тие преговори започнаа неколку месеци по почетокот на руската инвазија на Украина.

„Во последно време гледаме дека ЕУ е многу поактивна на дела, а не само со зборови, и е посвесна за стратешкото значење што го има Западен Балкан за неа. Тажно е што беше потребен Владимир Путин за тоа да се случи, рече во средината на февруари во Брисел, албанскиот премиер Еди Рама.

Албанскиот министер за европски и надворешни работи Игли Хасани смета дека
„процесот се одолговлекува“ и додаде дека ЕУ „толку многу се двоумела што луѓето се уморни од тоа“.

Според него, затоа е намалена поддршката за интегративниот процес, а намалена е и довербата во ЕУ.

„Тоа, се разбира, ја отвори можноста за непријателски влијанија, пред се Русија“, изјави неодамна Хасани.

„Пред неколку години Балканот повторно стана геополитичко игралиште“ и за Турција и за САД, рече Александра Томаниќ.

Франс прес потсетува дека Србија во октомври потпиша договор за слободна трговија со Кина, која стана нејзин втор најголем трговски партнер.

За борба против овие влијанија, ЕУ неодамна стави шест милијарди евра на маса, во форма на план за раст чија цел е приближување на Балканот до Брисел.

„Комисијата сака да се придвижи брзо бидејќи е важно да ја сигнализираме нашата желба да продолжиме напред со Балканот“, изјави за АФП шефот на мисијата на ЕУ во Србија, Емануел Жофре.

Планот е структуриран околу четири столба - интеграција на единствениот пазар, регионален заеднички пазар, забрзување на фундаменталните реформи и зголемена финансиска помош.

Сепак, „плаќањата ќе бидат предмет на строги услови во однос на спроведувањето на реформите“, предупредија амбасадорите на земјите-членки на ЕУ, со акцент „на координацијата на партнерите за заедничката надворешна и безбедносна политика“.

Дали е ова начин да се прекинат врските на Балканот со Русија, праша Франс прес.

Од февруари 2022 година, Србија, која во голема мера зависи од Москва за увоз на гас, одбива да примени санкции против Русија.

„Од економска гледна точка, руските интереси во енергетскиот сектор постојат, дури и ако отворивме алтернатива со интерконекција со Бугарија, финансирана од европските фондови“, рече Жофре.

Шефот на мисијата на ЕУ додаде дека не смее да се заборави дека 60 отсто од странските инвестиции во Србија доаѓаат од ЕУ и дека повеќе од 60 отсто од трговијата е со ЕУ. „Ние сме првиот економски актер“, додаде Жофре.

„Владата на Србија покажува интерес за планот за раст и неговата филозофија. Србија ја сфати важноста на иницијативата“, рече шефот на мисијата на ЕУ.

Агенцијата Франс прес потсети дека на крајот на февруари, во долга објава на Инстаграм, српскиот претседател Александар Вучиќ, чии „антиевропски испади се чести како и состаноците со рускиот амбасадор“, дури се залагаше за поголема интеграција.

Ја повторив решеноста на Србија да продолжи со процесот на реформи и европска интеграција“, напиша тогаш Вучиќ.

Според последните анкети, само 32 отсто од Србите веруваат во ЕУ, 77 отсто во Албанија, 54 отсто во Црна Гора и 57 отсто во БиХ. 

Фото: МИА архива

Остани поврзан