• недела, 24 ноември 2024

АСПИ го одбележа 28-ми Септември - Меѓународниот ден за универзален пристап до информации

АСПИ го одбележа 28-ми Септември - Меѓународниот ден за универзален пристап до информации
Скопје, 28 септември 2021 (МИА) – Резултатите од работењето на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, креираните ИТ алатки, како и плановите за идно унапредување на демократските процеси во нашата држава, преку овозможување на непречен проток и на слободен пристап до информаците од јавен карактер и олеснување на остварувањето на уставно загарантираното право на граѓаните да имаат увид во работата на институциите, беа презентирани денеска по повод 28-ми Септември - Меѓународниот ден за универзален пристап до информации. Директорката на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер, Пламенка Бојчева, на настанот информираше дека годинава е постапено по сите 653 Жалби кои се доставени до Агенцијата. - Би сакала да ја истакнам најголемата придобивка која Агенцијата ја постигна во своето работење. Како никогаш досега во 15-годишното имплементирање на законот, процентот на поднесени жалби по однос на молчењето на управата е преполовен. Што значи тоа? Ако во претходните години процентниот показател дека имателите не постапуваат во законски предвидениот рок се движел меѓу 70-80 отсто, оваа година е 37 проценти, што покажува дека имателите постапуваат и одговараат на барањата на барателите, изјави Бојчева. Дополни дека во рамките на ИПА 2 проектот, освен Стратешкиот план на Агенцијата, неколку Прирачници и брошури и дигитални алатки, во тек е и кампања насловена како „Промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација“. Фрејк Јанмаат, раководител на оддел при Делегацијата на Европска Унија, на настанот истакна дека дека транспарентноста и отчетноста се несомнено најважните елементи кои ја минимизираат корупцијата и го потврдуваат интегритетот. - Транспарентноста е показател на добро владеење, таа ги охрабрува граѓаните, им овозможува да имаат пристап и да направат еваулација на активностите на институциите. На ниво на Европска Унија, транспарентноста е нопходна за зголемувањето на разбирањето на граѓаните во процесот на донесувањето на одлуки и за зголемување на нивната доверба во институциите. Без информациите, граѓаните немаат моќ да одлучуваат за нивната влада, ниту можност значително да учествуваат во процесот на донесување на одлуки, изјави Јанмаат. Дополни дека во Северна Македонија се направени напори за обезбедување проактивно објавување на информации. Како што кажа, последниот годишен извештај, покажува дека правата на граѓаните за пристап до информации се подобрени, благодарение на Стратегија за транспарентност за 2019-2021. - Сепак, треба да се направи уште, имајќи го предвид фактот дека некои институции сè уште се потпираат на „молкот на администрацијата“, и јавноста треба да се запознае подобро со правото на пристап до слободен пристап до информации од јавен карактер, вели тој. Вицепремиерот за борба против корупција и криминал, Љупчо Николовски, истакна дека транспарентноста е основа на превенцијата и сузбивањето на корупцијата, односно, тоа е нешто што на што треба да се темели половина од нашата борба против корупцијата. - Во изминатите четири години, Владата на РСМ презеде бројни мерки и активности за зголемување на транспарентноста и на отчетноста, не само на Владата туку и на сите институции, со единствена цел да ги отвориме институциите и да ја зголемиме довербата на граѓаните во институциите. Проактивното објавување на информациите од страна на Владата и поедноставувањето на административните процедури, се дополнителни начини за промовирање на транспарентност, кои ги надминуваат традиционалните практики за пристап до информации од јавен карактер, истакна Николовски. Тој потенцираше дека секој граѓанин има право да ги гледа информациите за тоа како функционира системот, како се располага со парите на граѓаните, со буџетот, и притоа да ги има сите можности да ги детектира слабостите, пропустите, и да алармира за сите недоследности. Притоа нагласи дека е среќен што на сите полиња веќе има поставено системски алатки кои што овозможуваат на секој граѓанин пристап до информации. На настанот свои обраќања имаа и Александар Кашумов, клучен експерт во рамките на ИПА 2 - Промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација проектот, како и Дарко Антич, Барател на информации од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените - ЕСЕ, Скопје. Настанот беше искористен и за презентација на дигиталните алатки кои го модернизираат и олеснуваат пристапот до информации од јавен карактер, помеѓу кои се Е -порталот за Баратели (slobodenpristap.mk) и вториот портал кој е наменет за Имателите на информации. Првиот Закон за слободен пристап до информациите од јавен карактер беше донесен во нашата држава во 2006 година, а Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер втор пат го одбележува Меѓународниот ден за универзален пристап до информации. ар/дма/

Остани поврзан