• четврток, 26 декември 2024

Археолозите ја одгатнуваат приказната за Хелика и еден од најпознатите храмови на Посејдон

Археолозите ја одгатнуваат приказната за Хелика и еден од најпознатите храмови на Посејдон

Атина, 31 август 2023 (МИА) - Грчки археолози успеаја да откријат одамна изгубено светилиште посветено на богот Посејдон во античкиот град Хелика, соопшти Министерството за култура на Грција.

Откритието само по себе е остаток од битен град-држава од антиката. Хелика е населба од бронзената доба, проткаена во историјата и легендите, опишана и како воена сила што учествувала во Тројанската војна. Досега истражувачите ископале две зданија како делови од еден од најпознатите храмови поветени на Посејдон ширум хеленскиот свет и пошироко, од коишто едното датира од 8. век п.н.е. Местото се наоѓало во Коринскиот Залив, средишна Грција. Настрана од митовите, фактот дека градот го усвоил Посејдон како свое главно божество е точно, за што сведочат монетите пронајдени во неговите урнатини, со лицето на Посејдон од едната страна и трозабецот - неговиот божествен жезол, од другата страна.

Според верувањата на Древните Хелени, Посејдон е бог на морето.

Древната населба била уништена во 4 век п.н.е. под мистериозни околности за коишто научниците сѐ уште расправаат, но древните легенди го припишуваат тоа на „гневот на Посејдон“, инаку заштитник на градот.

Се верува дека градот веројатно исчезнал по земјотрес и цунами.

Иако археолозите го пребаруваа морето и крајбрежјето повеќе од еден век, се чини, успехот дојде во 2001 година, кога ископувањата во прастара лагуна кај селото Ризомилос ги покажаа првите наоди и оттогаш редовно се ископува.

Откриена е и ќерамика, (најстарите примероци се од 9. век п.н.е.), бронзена глава на змија и дел од митско суштество, т.е. сфинга којашто веројатно била дел од архитектонски релјеф од 6. век п.н.е. Присутни се и олтари за жртвени приноси (животни, според ископувачите), натаму - железни орудија, тркала од кочии, глинени и бронзени статуетки, како и злато.

Наодите додаваат сѐ поголем број информации за оваа одамна изгубена моќ од древноста, коишто дел по дел ја спојуваат историската приказна за славата на овој град-држава и неговиот пад, пишува „Ерусалим пост“ (Jerusalem Post).  си/

Фото: Википедија.

Остани поврзан