• четврток, 05 декември 2024

Антикорупцискиот караван во Прилеп

Антикорупцискиот караван во Прилеп

Прилеп, 4 декември 2024 (МИА) - На платото пред Градскиот саат во Прилеп денеска престојува Антикорупцискиот караван во рамки на програмата „Граѓаните против корупцијата“.

Според координаторката на програмата, Снежана Камиловска Трповска прилепчани покажуваат интерес да добијат сознанија за можноста за справување со корупцијата.

-Во Прилеп го продолжуваме антикорупцискиот караван по вчерашниот почеток на Караванот во Битола и контактите со граѓаните. Повторно дискутираме со граѓаните за прашања кои директно ги мачат, а се поврзани со корупцијата. Прилепчани веднаш почнаа да ги искажуваат ставовите кои се поврзани со корупција и еден сублимат од целата таа дискусија е дека сѐ уште постои тој страв кај граѓаните јавно да дискутираат за прашања поврзани со корупцијата. Токму затоа ја отвораме темата со граѓаните за да може преку форум отворено да дискутираат, бидејќи борбата против корупцијата не е само борба на институциите, туку, пред сѐ, треба да потекнува од граѓаните, изјави Камиловска Трпковска.

Активна е апликација на која граѓаните пријавуваат корупција. Една од битните цели е граѓаните да знаат дека не се сами во борбата против корупцијата.

-Во рамките на проектот се разви апликација „Реагирај“ која на граѓаните им овозможува директно да се приклучат во реакции и да земат директно учество во борбата против корупцијата. Тие реакции се по однос на различни корупциски скандали, лоша работа на институциите, нешто што го намалува квалитетот на животот. Една од битните цели е дека граѓаните не се сами во борбата против корупцијата. Граѓаните се свесни дека има корупција, но за решавањето на проблемот го имаат чувството на осаменост, отуѓеност. Втората битна работа дека со нас се и членовите на Државната комисија за спречување корупција, финансиската полиција. Граѓаните ќе може директно да дојдат и да пријават корупција, вели Миша Поповиќ од Институтот за демократија.

Програмата „Граѓаните против корупцијата“ ја спроведува Македонскиот центар за меѓународна соработка во партнерство со Центарот за граѓански комуникации, Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ Скопје, Стопанската комора на Северна Македонија, 360 Степени, Истражувачка репортерска лабораторија Македонија и Балканска истражувачка репортерска мрежа Македонија. Програмата е финансирана од Американската агенција за меѓународен развој – УСАИД/Северна Македонија. ем/мд/

фото: МИА

Остани поврзан