• сабота, 23 ноември 2024

Анкета на ЕИБ: Понудата на кредити затегната во втората половина од годината

Анкета на ЕИБ: Понудата на кредити затегната во втората половина од годината

Скопје, 6 декември 2023 (МИА) - Најновата анкета на Европската инвестициска банка (ЕИБ) за кредитирање на банките во Централна, Источна и Југоисточна Европа покажува дека затегнувањето на понудата за кредити што започна минатата година не е завршено, но дека се очекува големиот јаз меѓу понудата и побарувачката, забележан во претходните периоди, да се намали.

Анкетата што се однесува за втората половина од годинава, го нагласува континуираното затегнување на понудата на кредити во регионот. Понудата на кредити, како што се наведува, останува ограничена во Србија, Албанија, Косово, Северна Македонија и Босна и Херцеговина, а побарувачката за кредити од клиентите на банките останува отпорна и се очекува благо подобрување.

- Фиксните инвестиции и малопродажбата, особено пазарот на недвижнини, имаа негативен придонес, но се очекува тие одново да почнат во наредниот период. Наспроти претходните негативни очекувања, квалитетот на кредитите се подобри во последните шест месеци. Сепак, со оглед на послабите економски изгледи и повисоките каматни стапки, банките повторно очекуваат зголемување на нефункционалните кредити во следните шест месеци, наведуваат од ЕИБ.

Анкетата покажува и дека сѐ поголем број банки имаат намера селективно да се шират во регионот, и покрај тоа што ја споменуваат влошената профитабилност. бак/дма/

Фото: ЕИБ

Остани поврзан