• недела, 24 ноември 2024

Анкета: Две третини од Американците стравуваат од насилство по изборите на крајот на годината

Анкета: Две третини од Американците стравуваат од насилство по изборите на крајот на годината

Њујорк, 23 мај 2024 (МИА) - Двајца од тројца Американци велат дека се загрижени дека изборите меѓу демократскиот претседател Џо Бајден и неговиот републикански претходник Доналд Трамп на 5 ноември би можеле да бидат проследени со политичко насилство, покажува новото истражување на Ројтерс во соработка со Ипсос.

Резултатите од истражувањето спроведено на 3.934 возрасни Американци укажуваат на загриженоста на американскиот народ дека немирите што следеа по поразот на Трамп на изборите во 2020 година може да се повторат во САД.

Тогаш лажното тврдење на претседателот дека неговиот пораз е резултат на измама поттикна илјадници следбеници да упаднат во американскиот Конгрес.

Околу 68 отсто од испитаниците во онлајн анкетата, поточно 83 отсто од демократските поддржувачи и 65 отсто од републиканците, рекле дека се согласуваат со изјавата дека се загрижени дека екстремистите ќе прибегнат кон насилство доколку не се задоволни од исходот на изборите.
На севкупно ниво, 15 проценти од испитаниците не се согласуваат со таа изјава, а 16 посто не биле сигурни.

Во неодамнешните интервјуа, Трамп го повтори своето несогласување со изборните резултати и на предизборните митинзи ги карактеризираше демократите како измамници.

Истражувањето, спроведено од 7 до 14 мај, покажа дека републиканците повеќе не веруваат во кредибилитетот на американските избори отколку кај демократите. Само 47 отсто од републиканците рекоа дека се уверени дека резултатите од ноемвриските избори ќе бидат точни и легитимни, во споредба со 87 проценти од демократите кои изразија доверба во таков исход. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан