Мелони: Детинесто и површно е да се мисли дека Италија мора да избере меѓу САД и ЕУ
- - Италија може да има добри односи со САД, а доколку може да помогне во спречувањето на судирот меѓу Вашингтон и Европа и во градењето мостови, јас ќе го направам тоа, затоа што тоа е во интерес на сите Европејци, истакна Мелони.

Рим, 28 март 2025 (МИА) - Нема логика Италија да биде ставена пред избор меѓу Европската Унија и САД под водство на Доналд Трамп, изјави денеска италијанската премиерка Џорџа Мелони во интервју за „Фајненшл тајмс“, пренесе агенцијата АНСА.
- Италија може да има добри односи со САД, а доколку може да помогне во спречувањето на судирот меѓу Вашингтон и Европа и во градењето мостови, јас ќе го направам тоа, затоа што тоа е во интерес на сите Европејци, истакна Мелони.
Таа ги нарече САД „првостепен сојузник на Италија“ и нагласи дека е поблиска до Трамп од многу други политичари.
- Јас сум конзервативец. Трамп е лидер на републиканците. Секако дека ми е поблизок отколку многу други политички лидери. Разбирам лидер што ги брани националните интереси, бидејќи и јас ги бранам нашите, изјави италијанската премиерка.
Во однос на трговските политики на Трамп, Мелони порача дека ЕУ треба да реагира внимателно и со ладна глава.
- Понекогаш ми се чини дека реагираме премногу инстинктивно. Треба да си кажеме: 'Луѓе, да останеме смирени. Да размислиме'. Постојат големи разлики меѓу различните категории производи. Треба да најдеме добро и заедничко решение, нагласи таа.
Мелони, исто така, ја разбира критиката што американскиот потпретседател Џеј Ди Венс ја упати кон Европа на Минхенската безбедносна конференција во февруари.
- Морам да кажам дека се согласувам со него, изјави таа во однос на ставовите на Венс дека Европа се оддалечила од своите вредности за слобода на говор и демократија. Говорев за ова со години. Европа малку се изгуби, додаде италијанската премиерка.
Таа посочи дека критиките на Трамп не се насочени кон обичните граѓани, туку кон „владејачката класа, која мисли дека може да ги игнорира реалните проблеми и едноставно да им ги наметне своите ставови на луѓето“. ссм/
фото: архива